Пановски прашува што со зградите на „Кермес“, ЕВН, „Пелагонија“, галиите, хотелот на плоштадот


Одговорот на Град Скопје на моите прашања е „очекувано бирократски, не сме надлежни“, вели Никола Пановски

 

Зошто не се доградат или урнат згради и галии, кои со години стојат во центарот на градот, прашува советникот во Град Скопје од ЛДП, Никола Пановски.

За објекти кои стојат со години како „Кермес“ во Градскиот парк, зградите на ЕВН и на „Пелагонија“ на градскиот плоштад, како и за новото матично и зградата што треба да биде хотел, на денешната седница на Советот на Град Скопје, советникот Никола Пановски праша што се планира со нив и до кога ќе стојат недоправени или урнисани.

Фото: Б. Грданоски

„Сред паркот веќе дваесет и нешто години, постои ограда и столбови од кои виреат `рѓосани жици. Прашањето е кој има штета ако тој се изгради или пак се донесе дека нема да се изгради, па се тргнат тие грди столбови и тој простор да ни се намени на граѓаните“, праша Пановски.

Тој констатира дека цело Скопје сака да постои тој објект и треба да се изгради затоа што постојат емоции кон него.

Понатаму, ако се оди по кејот накај центарот, трите галии, од кои две не работат, а третата е полуурната, „едно ругло“ како што се изрази Пановски, недозволиво во центарот на градот. Пановски сакаше да знае што со тие галии кои не функционираат.

Фото: Б. Грданоски

На „ругло“ му наликува и зградата на ЕВН/ЕСМ, за која смета дека или ќе се гради барок или ќе се лупи таа па ќе се остави како што била по старо.

„Поминаа пет години кадешто ништо не се случува“, вели Пановски, освен некои пожари повремено и втората е до неа соседната на „Пелагонија“.

И третото, тоа е оградата на плоштадот, за која Пановски ќе рече „дека не е надлежност на Градот, но претходно имаше полјана и некои убави дрвја, но не личеше да има полјана која не беше ни средена со децении“. Сега таму треба да има хотел, а неговата изградба никако да заврши, а таму може да се вработат многу луѓе.

Фото: Б. Грданоски

Пановски раскажа дека на некој настан во 2012 година дете се исекло на некоја ламарина од оградата и го носеле во болница, што според него докажува дека децата не го знаат плоштадот среден.

Тој смета дека тоа се објекти од кои никој нема да има штета ако се изградат.

Од градот му одговорија дека во овие три прашања има повеќе надлежности, па одговорот ќе го добие на писмено.