Паника и хаос во Хонгконг


Лидерката на градот Кери Лам одбива да поднесе оставка, демонстрантите веќе петти ден го држат окупиран аеродромот, а Пекинг почна да зборува за „тероризам“

Хонгконг – Во Хонгконг постои состојба на „паника и хаос“, рече непокорната лидерка на градот во вторникот, негирајќи ги повиците за оставка додека берзата потклекнува, авионските компании ги прекинаа летовите, а антивладините демонстранти го преполнија аеродромот.

Немирите траат веќе 10 недели во поранешната британска колонија бидејќи илјадници жители сметаат дека има ерозија на слободите и автономијата под кинеска власт.

Сè повеќе насилните демонстрации го втурнаа азискиот финансиски центар во најсериозна криза во децении соочувајќи го кинескиот лидер Си Ѓинпинг со еден од неговите најголеми предизвици откако дојде на власт во 2012 година.

Веќе петти ден демонстрантите ја окупираа салата за пристигнувања на аеродромот, а во невиден потег во понеделникот беа откажани стотици летови. Пекинг ги спореди демонстрациите во Хонгконг со тероризам.

„Одвојте малку минути да го погледнете нашиот град, нашиот дом“, рече првиот човек на градот Кери Лам на прес-конференција во седиштето на владата, заштитена со барикади исполнети со вода високи 1,8 метар.

„Можеме ли да си дозволиме да го турнеме ова во бездна и да видиме како е искршено на парчиња?“, додаде таа, додека нејзиниот глас трепереше.

Како што зборуваше, индексот „Хенг сенг“ на берзата падна речиси два отсто влечејќи ги надолу пазарите низ Азија.

Протестите започнаа како спротивставување на сега суспендираниот закон, со кој ќе се дозволи екстрадиција во Кина за оние што се соочуваат со кривични пријави, но прераснаа во пошироки повици за демократија.

Засега никој не сака да попушти - демонстрантите велат дека се борат за демократија, Кери Лам за зачувување на системот во Хонгконг

Демонстрантите велат дека се борат со ерозијата на договорот „една земја, два система“, со кој се обезбедува одредена автономија за Хонгконг кога Кина го врати од Британија во 1997 година.

Тие сакаат Лам да си даде оставка. Таа рече дека ќе остане.

„Мојата одговорност е над овој одреден протест“, рече таа додавајќи дека насилството ја турна територијата во состојба на „паника и хаос“.

„Јас, како главен извршен директор, сум одговорна да ја обновам економијата во Хонгконг, да ги вклучам сите што е можно пошироко, да ги слушам што е можно повнимателно жалбите на мојот народ и ќе се обидам да му помогнам на Хонгконг да продолжи понатаму“, изјави Лам.

Таа не одговори на повторените барања за да разјасни дали има моќ да го повлече законот за екстрадиција за да го задоволи клучното барање на демонстрантите или за тоа мора да бара одобрение од Пекинг.

Во понеделникот Кина соопшти дека протестите достигнаа критична точка, по викендот на улични судири во кои полицијата и демонстрантите ја засилија својата решеност.

Полицијата испука солзавец кон толпата со црни кошули во окрузите на островот Хонгконг, Ковлон и Новите Територии.

Висок кинески службеник рече дека „тероризам“ се појавува во Хонгконг, со оглед на насилните напади врз полицајците.

Правните експерти во Хонгконг велат дека Пекинг би можел да го отвори патот за употреба на антитерористички закони за спречување на демонстрантите.

Неколку авиони полетаа во вторникот, но стотици летови останаа откажани.

„Жалиме за непријатностите, се бориме за иднината на нашиот дом“, се наведува во транспарентот што го држеа стотици демонстранти кои се вратија во салата за пристигнувања.

Последниот британски гувернер на Хонгконг, Крис Патен, вчера предупреди дека ако Кина интервенира тоа би било катастрофа и дека кинескиот претседател Си Ѓинпинг треба да ја види мудроста да ги обедини луѓето.

Патен рече дека е контрапродуктивно Кинезите да предупредат за „други методи“ ако протестите не запрат. „Тоа би било катастрофа за Кина и секако за Хонгконг“, изјави Патен за радио Би-би-си. „Откако претседателот Ши ја презеде функцијата насекаде има казнување на дисиденти, партијата има контрола над сè“. (Ројтерс)