Панел дискусија „Војната во Украина и нејзиното влијание на Балканот“


Панел дискусија на тема „Војната во Украина и нејзиното влијание на Балканот“ ќе се одржи денеска во организација на Факултетот за политички науки при Универзитет Американ Колеџ Скопје (УАКС).

– Војната во Украина добива загрижувачки размери и сé уште нема разрешница, страдаат граѓаните на Украина, а последиците ги чувствуваат и останатите земји од Европа, се вели во соопштението од УАКС.

Целта на оваа панел-дискусија, посочуваат, е да се разговара за импликациите од украинската криза врз процесите на Балканот, пред сé во земјава.

– Поканети се учесници од различни провениенции, кои со својата експертиза и непосредно професионално искуство ќе дадат согледувања на состојбите и неопходна размена на мислења, наведуваат од УАКС.

Како панелисти се најавени Едвард Џозеф, виш предавач на Факултетот за меѓународни односи (SAIS) при Универзитетот Џонс Хопкинс, САД; Огнен Вангелов, доцент по меѓународни односи и меѓународна безбедност на Факултетот за политички науки при УАКС; Крум Ефремов, Амбасадор на Република Северна Македонија во Украина; Радмила Шекеринска, поранешна министерка за одбрана и Тони Танчевски, проектен менаџер во Форум ЗФД Одеса и поранешен службеник за известување и политички анализи при мисијата на ОБСЕ во Мариупол.

На настанот ќе присуствуваат и студентите на Универзитетот Американ колеџ Скопје, кои ќе можат и директно да се вклучат во дискусијата со свои мислења и прашања. Настанот е отворен и за пошироката јавност.