Одбележан Денот на даночните работници: Собрани за 18 отсто повеќе приходи од лани
Собирањето на даночните приходи е сосема стабилно и е за 18 проценти повисоко од истиот период во минатата година, оцени денеска директорката на Управата за јавни приходи (УЈП) Елена Петрова.
-Заклучно со вчера се собрани околу 116 милијарди денари по основ на даноци. Заклучно, пак, со 31 октомври се собрани околу 95 милијарди денари социјални придонеси што значи дека до вчера имаме над 211 милијарди денари собрани по основ на даноци и придонеси. Со тоа имаме остварување на планот за наплата од 98 проценти, рече Петрова во одговор на новинарско прашање на паузата од панел дискусијата „Повеќе даночни приходи за побогато општество – перцепции и перспективи“, организирана по повод Св. Матеј, Денот на даночните работници.
Нагласи дека има уште пет–шест работни дена до крајот на месецов, вклучувајќи го и даночниот ден за ДДВ – 25-ти во месецот.
-Тоа гарантира дека ќе го исполниме планот за наплата за периодот. Споредбено со минатата година наплатата на даноците е за 18 проценти повисока од истиот период во минатата година. Сите овие факти одат во прилог на констатацијата дека собирањето на даночните приходи е сосема стабилно, потенцира Петрова.
Управата за јавни приходи (УЈП) денеска организираше панел дискусија на тема „Повеќе даночни приходи за побогато општество – перцепции и перспективи“ по повод 29 Ноември, односно Св. Матеј, Денот на даночните работници.
На настанот беше заклучено дека за подобро собирање на даночните приходи е потребна поголема ефикасност и ефективност на даночната администрација заснована на користење на новите технологии и дигитализација, соработка и координација меѓу органите, администрацијата и бизнис заедницата и поголема даночна свести и повисок даночен морал во општеството.
-На настанот дискутиравме како да стигнеме до повеќе даночни приходи во Буџетот кои потоа преку правилна дистрибуција за квалитетни јавни добра и услуги, како што се вложувања во здравството, во образованието, во инфраструктурата, социјални трансфери, трансфери во бизнис заедницата за стимулирање на иновации и развој, ќе придонесат за подобрување на животниот стандард на граѓаните, подобрување на деловното опкружување и на се она што значи побогато општество, изјави директорката на УЈП Елена Петрова по завршувањето на панел дискусијата.
Таа нагласи дека во таа мисија се вклучени сите органи во состав на Министерството за финансии, кое, како што рече, ја креира даночната политика како моќна алатка која ни дава инструменти и постапки за ефективно собирање на даноците.
-УЈП, Царината и Финансиската полиција како органи во состав на Министерството за финансии треба да ја операционализираат и спроведат таа даночна политика. Од аспект на УЈП ефективното собирање на даночните приходи значи да обезбедиме ефикасни процедури и системи во кои секој даночен обврзник ќе може да ги исполнува своите даночни обврски, да обезбедиме директна помош на даночните обврзници за да може правилно да ја разбираат и правилно да ја применуваат даночната регулатива. Треба да обезбедиме и конзистентност, унифицирано постапување од страна на секој даночен службеник и секој даночен инспектор и со тоа даночните обврзници да имаат поголема сигурност, појасни Петрова.
Од друга страна, додаде, треба да обезбедиме и доследно и објективно исполнување на сите законски овластување на УЈП кои се насочени кон се она што претставува неточно, нецелосно и ненавремено исполнување на даночните обврски.
-Во центарот на собирањето на даночните приходи се даночните обврзници, бидејќи имаме систем на самооданочување што се темели на доброволната даночна усогласеност. Затоа на денешниот настан како панелист имавме и претставник од даночните обврзници со цел да ги слушнеме и нивните предизвици и очекувања од даночната политика и даночната администрација, но и да зборуваме и за сивата економија, која е заеднички предизвик, и која покрај тоа што одзема дел од даночните приходи претставува и нелојална конкуренција за бизнис заедницата, посочи Петрова.