Панел дискусија по повод Меѓународниот ден на семејството

Во пресрет на Меѓународниот ден на семејството – 15 мај, денеска на Филозофскиот факултет во Скопје ќе се одржи настан посветен на значењето и улогата на семејната едукација во современото општество. Во рамки на програмата ќе се одржи панел-дискусија „Потребата од семејна едукација во Република Северна Македонија“, а ќе биде презентирана и истражувачката анализа „Потребите и важноста од семејната едукација кај младите лица“.
Настанот е организиран од Институтот за семејни студии при Филозофскиот факултет – Скопје, УКИМ, во соработка со Факултетското студентско собрание.
Како што е најавено, експерти од различни области ќе зборуваат за состојбата, предизвиците и потенцијалите на семејната едукација во нашата земја.
Воедно, ќе се реализира и интерактивна работилница на тема „Го сакам моето семејство“, на која ученици од ОУ„Љубен Лапе“ заедно со студентите од Институтот за семејни студии ќе учествуваат во креативни активности што ја истакнуваат важноста на семејството.