Пандев: Дојдовме во Тбилиси по трите бода, атмосферата е одлична


Капитенот на фудбалската репрезентација на Македонија, Горан Пандев пред утрешниот дуел против Грузија во Лигата на нациите изјави дека „жолто-црвените“ дошле по трите бода во Тбилиси.

„Важни беа трите бода со Ерменија како за почеток. За разлика од Скопје тука имаме добар терен за игра. Дојдовме по трите бода, сакам да ги освоиме. Кај нас атмосферата е одлична, никогаш не ни била на вакво ниво. Свесни сме дека не сме 100% подготвени но во овој дрес секогаш треба да се даде максимумот и само така може да се стигне до посакуван резултат“, изјави капитенот Горан Пандев.

Пред вечерашниот тренинг, селекторот Игор Ангеловски изјави дека нема топ фаворит во групата и дека очекува интересен натпревар.

Тој додаде дека очекува токму со Грузија да се сретнеме во финалето на плејофот на Лига на Нации.

– Нè чека тежок меч, бидејќи Грузија има добра селекција . Не можам детално да зборувам за планот на утрешниот натпревар, но секогаш ја подготвувам екипата за да можеме да играме најдобро. Ќе се обидеме да покажеме добар фудбал. Би сакал тука да дојдеме повторно во ноември и да играме во финалето на плејофот за пласман на ЕП 2020. Сепак, сега сме фокусирани на утрешниот дуел, рече Ангеловски на пресот.

Поради повреди селекторот нема да смета на Иван Тричковски и Кире Ристевски.

Натпреварот меѓу Грузија и Македонија се игра утре од 18:00 часот во Динамо Арена во Тбилиси.