Пандемијата, политичката култура и демократијата во 2020
ИЛО ТРАЈКОВСКИ
Ланските движења на индексот на демократијата кај нас укажуваат на големо назадување во два клучни елементи на демократијата – политичката партиципација и политичката култура
Ако сакав да бидам критичен, насловот ќе гласеше: политичката некултура и недемократскиот режим во Македонија во 2020 година. Сепак, не ми е тоа целта. Македонските власти, од првата до последната после осамостојувањето, навистина заслужуваат, а и си добиваат најжестока критика. Последната доаѓа од угледниот британски Economist Intelligence Unit (ЕИУ). Во своето најново рангирање на државите според индексот на нивната демократичност ја лоцира нашата политичката власт на 78 место во светот. Со индекс од 5,89 поени (од максимумот 10 поени) нашата политичка власт се класифицира во категоријата на хибридни режими. Сите земји во светот зависно во кои се мери индексот на демократијата (167) се класифицираат во четири категории: целосно демократски, половично демократски, хибридни и авторитарни.
Во целина, во 2020 година околу 45% од земји во светот (75) се владеени на демократски начин. Од нив целосно демократски се 23 земји, а половично демократски се 52 земји. Од преостанатите 55% (или 92) недемократски земји 57 се владеени од авторитарни режими и 35 од хибридни режими, како што е нашиот. Хибридните режими се одликуваат повеќе со недемократски отколку со демократски начини на водење на државата и политиката. При тоа, не е во прашање како институциите се опишани во уставите или законите, туку како елитите ја практикуваат власта, од една страна, и како народот гледа на власта, од друга страна.
Токму од тој аспект најновите аналитички показатели на ЕИУ треба да ја алармираат нашата демократска јавност. Според моите социолошки разбирања на општествените претпоставки на демократијата, ланските движења на индексот на демократијата кај нас укажуваат на големо назадување во два клучни елементи на демократијата – политичката партиципација и политичката култура. Тоа се главните резервоари на политичките активности и движења. Можете да имате идеални закони и институции, но тие практично ќе функционираат така како што со нив сакаат и знаат да постапуваат луѓето (политичарите и граѓаните) кои им даваат живот на институциите. Политичките институции го даваат хардверот, а политичката свест и политичката култура го дава софтверот.
Поради тоа, иако во 2020 година се забележани извесни напредоци во институционалните димензии на демократијата (во изборниот процес и функционалноста на владата, пред сѐ поради надворешниот мониторинг во овие сфери), падот во областите на политичката партиципација и политичката култура не само што може нив да ги закочи, туку и да ги врати назад. Во 2020 година показателот за политичката партиципација од 6,67 колку што бил во 2019 и 2018 година, лани опаднал на 6,11! Тоа зборува за повлекување на граѓанството од политиката и за негова пасивизација. Овој тренд во никој случај нема да донесе подобро и поодговорно владеење, туку напротив. Уште повеќе, помалата политичка партиципација на граѓаните во 2019 година е проследена и со опаѓање на демократската политичка култура на досега најниско ниво!
Демократската политичка култура ја има улогата на осигурувачот во струјното коло. Ако тој прегори, паѓа демократијата. Политичкиот систем почнува да пропаѓа и во амбисот на тоталитаризмот. Кај нас тоа веќе се случи во 2016 година со нашето испаѓање од лигата на половични демократии во лигата на хибридни режими. Загрижувачки е тоа што показателот за политичката култура, кој од 2009 до 2014 се одржувал на ниво од 4,38 поени (од максимумот од 10), во 2020 година паднал на 3,13 поени! Толку низок скор на демократска политичка култура помеѓу балканските земји имаат само уште Црна Гора и Босна и Херцеговина. И токму само овие, помеѓу сите други држави во регионот, се класифицирани во категоријата хибридни режими.
Важноста на политичката култура за развојот на демократијата произлегува од самата нејзина содржина. Таа е комплет од знаења, вредности и идеали во врска со смислата на политиката. Тие опстојуваат и се препознаваат низ доминантните норми за тоа како функционира политиката и обрасците за препорачливото дејствување на единките и групите во политиката и во врска со политиката.
Назначените бројки за негативните движење на индексот на политичката култура кај нас се добиени со анализа на неколку стандардни критериуми за проценка на оние аспекти на политичката култура кои се сметаат за посебно важни за функционирање на демократијата. Како такви испитувани се карактерот на поддршка на владата (консенсуална или антагонистичка), поддршката за различните алтернативни на демократската власт, како што се власта на цврста харизматска личност, воената или технократската власт, проценката на вредноста на демократијата во споредба со економската благосостојба, поддршката на поделбата на власт и други критериуми. Во сите овие аспекти македонските граѓани и нивните лидери покажуваат силни прохаризматски, протехнократски и промилитаристички политички ориентации и однесувања. Партиското секташтво е надземен показател за овие подземни идеолошки струи.
Навистина, можно е понапред назначените негативни трендови по сите овие прашања да се поврзани и да произлегуваат од ризиците кои ги донесе пандемијата. Како и во други историски познати ситуации на загрозување на економската, социјалната, политичката сигурност така и сега слободата, а со неа и демократијата се принесуваат како први жртви на олтарот на егзистенцијалната неизвесност. Формирани во зададените културни рамки, нашите политички елити ги дочекуваат ваквите историски околности како предатори. Затоа, мислам дека преовладувачкиот однос кон државата и јавните ресурси, дури и во време на пандемија, наместо со изразот заробена држава подобро се опишува со изразот запленета држава.
(Ило Трајковски е универзитетски професор)