Паметните канти на професор од Кавадарци нѝ кажуваат кое ѓубре не го примаат
Патентот „паметни канти” изработени од кавадаречка фирма во која управител е проф. д-р Димитрија Ангелков, освои златен медал на саемот за иновации Иновамак 2019.
Паметните канти, вели Ангелков, веќе од оваа година се произведуваат и дистрибуираат по училишта и градинки.
-Проектот е едукативен, забавен, еколошки и со најниска цена на чинење во светот, од само 200 евра по канта. Иновацијата се состои во тоа што го решава проблемот со враќањето на пластичните, стаклени и метални шишиња за рециклирање. Во нашата земја скоро секое петто шише се враќа за рециклирање, додека останатите четири завршуваат во реките, езерата, почвата и морињата, рече тој.
Решението е одржливо, нагласи, затоа што со собирање на овој отпад, дел од средствата се враќаат како награда за тој што ја користи паметната канта.
-Ова решение е идеално за нашата земја затоа што инвестицијата се враќа за помалку од пет месеци, после овој период имате постојана добивка од собраниот отпад. На паметната канта има дисплеј на кој се генерира код кој го внесувате на веб страната www.pametnikanti.mk заедно со вашиот мобилен број и така добивате поен. Кога ќе соберите доволно поени добивате смс и награда од дел од парите кои се добиле од продажбата на шишињата. Системот е одржлив и преку награди ги мотивира луѓето да ги користат овие канти. Исто така имаме и веб сајт кој се користи за светска промоција, http://www.
Трите модели на паметни канти примаат само отпад предвиден за тоа.
-Пример, доколку во кантата која прима само стаклени шишиња пробате да фрлите пластично шише, ќе ви даде коментар дека не прима таков отпад и да одите во другата да го фрлите, која е предвидена за тоа. Целиот систем функционира самостојно, затоа што соларниот панел генерира доволно енергија да работи целиот механизам и електроника, додаде Ангелков.
Паметните канти имаа говорен автомат за лица со посебни потребни да може да ги користат.
-Дизајнот постојано се менува во зависност од позицијата каде се поставува. Доколку е во градинка, е со ликови од супер јунаците, доколку е во банка или институции, тогаш е со дизајн соодветен за тоа. Доколку се практикува ова решение насекаде, нашата земја ќе постане почиста, поубава и понапредна. Решенија има, треба да се практикуваат, нашата земја изобилува со иноватори кои прават се да постанеме развиена земја која овозможува иднина за идните поколенија. Иднината е сега, порача овој доктор на науки, професор во Електро машинското училиште во Кавадарци и управител на фирмата „Интерактивна иднина”.
Тој верува дека ова решение ќе го зголеми процентот на вратени шишиња. Во Германија тој процент бил 60 отсто.
Ангелков, кој има и други иновации и награди, сподели со нас и уште неколку интересни информации. Кантите работат независно без додатна енергија и се екстремно безбедни, невозможно е некој физички да се повреди од нив. Кантите имаат вграден филтер за воздух и на нив можат да се полнат мобилни телефони. Доколку се спојат две канти со три даски, се добива и клупа за седење.