Палчо, во деновите на убиствата поправал котел кај еден од сведоците, а на друг му должел 15.000 евра


Фото: Б. Грданоски

Во Кривичниот суд, денеска, продолжи судењето за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, каде како сведоци се јавија Еролд Османи кој сведочеше дека во деновите на убиствата обвинетиот Љупчо Палевски бил кај него и му го поправал котелот на палети, а другиот сведок Ламбе Бучков рече дека Палчо му должел 15.000 евра.

Еден ден по грабнувањето на малолетната Вања Ѓорчевска, првообвинетиот за убиствата на девојчето и велешанецот Панче Жежовски, Љупчо Палевски Палчо бил кај негов пријател да му го поправи котелот за пелети и се однесувал нормално, според сведочењето на Еролд Османи кој се знаел со Палевски од 2000 година кога му помагал во издавањето на дневниот весник „Глобал“.

„Се познавам само со Љупчо Палевски. Уште во времето на издавање на весникот „Глобал“ бев повикан од издавачите да помогнам во издавањето бидејќи не одеше добро. Бев повикан да помогнам, затоа што јас се разбирав од тие работи. Јас мислам дека се запознавме 2000-2001 година. Точно не знам. Кога се затвори весникот ние останавме во комуникација. Ние останавме пријатели“, започна со своето сведочење, Еролд Османи.

По затворањето на весникот продолжиле да комуницираат, Османи имал земено котел за пелети од кај него и Палевски често го сервисирал.

Комуницирале на 27 и Палевски тврдел дека бил настинат „но одлежав неколку часа и подобро ми е“.

„Лани не можев воопшто да го користам, и затоа тие повици кон мене се зачестија во периодот во ноември лани. На 27 ноември го барам на Фејсбук. После 23 часот на Фејсбук ми јави дека ќе дојде. Ми напиша дека е настинат, но одлежал неколку саати и одма бил подобар. Утредента сабајлето на 28 имавме комуникација дека ќе дојде. И дојде околу 11 часот сабајлето. И го среди проблемот“, кажа сведокот.

Сведокот го испитуваше и Палевски и го прашуваше дали е сигурен за времето кога дошол кај него, но сведокот кажа дека тоа било времето.

Сведокот Ламбе Бучков е сведок на обвинителството кој тврди дека Палевски му должи 15 илјади евра пари кои сведокот ги подигнал на кредит за да го подмири долгот на Палчо кај негов пријател.

Несудениот инвеститор кој му ги дал парите на Палевски биле за парцели кои ги поседувал во општина Центар, но никогаш општината не дала дозвола за градба. Секој ден одел сведокот во седиштето на партијата да си ги бара парите од Палевски, а овој му ветувал дека ќе ги има до петок (01-12-2023).

Сведокот комуницирал со Палевски додека бил во Белград и Турција, му кажал дека ќе се врати наскоро бидејќи му дошла полиција во партијата и барале некое возило. Сведокот тврди дека Палевски имал неколку пиштоли, а Палчо му се жалел дека службите го следеле и му правеле опструкции.