„Пајакот“ во Центар кренал 176 непрописно паркирани возила, ама овие никако да ги види


smart

Минатата седмица на територијата на Општина Центар биле санкционирани 176 непрописно паркирани возила кои го попречувале нормалното и безбедно одвивање на сообраќајот, информираат од ЈП „Паркинзи“ на Општина Центар.

– ЈП ПОЦ и Општина Центар во соработка со Сообраќајната полиција-Скопје, во периодот од 10 до 16 април, со помош на специјалните возила „Пајак“ на ЈП ПОЦ отстранети се 82 непрописно паркирани возила, а со поставување на механичко средство „Блокатор“ санкционирани се 94 возила кои биле затекнати на резидентни паркиралишта, а не биле корисници-резиденти на секторот во којшто биле паркирани, информираат од ПОЦ.

Оттаму истакнуваат дека заедно со Општина Центар секојдневно водат грижа за да го доведат во ред сообраќајниот хаос настанат од непрописно паркираните возила на територијата на оваа единица на локална самоуправа.

– Потсетуваме на почитување на сообраќајните правила од страна на секој учесник во сообраќајот со цел одржување на ред и безбедност на улиците, велат од ПОЦ.

Сепак, се чини дека „пајакот“ во Центар селективно гледа непрописно паркирани возила. Имено, на неодамна реконструираниот булевар „Митрополит Теодосиј Гологанов“, на тротоарите редовно има паркирани возила и тоа пред зградата на Бугарскатa амбасада, како и на триаголниците пред кружниот тек кај Католичката црква.  

smart