Падот на Кабул не е неизбежен, тврдат американски експерти


Талибанците би можеле да го преземат Кабул во рок од една година по повлекувањето на странските сили од Авганистан, но падот на владата не е неизбежен доколку авганистанската армија биде добро предводена, изјавија американски експерти, еден ден пред посетата на претседателот Гани на Белата куќа.

Воените успеси на талибанците во Авганистан ја загрижуваат меѓународната заедница, која стравува дека бунтовниците ќе ја повратат моќта во земјата. Меѓутоа, некои експерти со долгогодишно искуство во Авганистан за АФП изјавија дека можностите на талибанците не треба да се преценуваат.

И покрај тоа, експертите предвидуваат дека корупцијата и етничките поделби што ги разјадуваат авганистанските владини сили, им даваат предност на талибанците, кои беа протерани од власта од САД во 2001 година, затоа то им дадоа засолниште на џихадистите на Ал Каеда, кои ги извредоа нападите на 11.09.

Бунтовниците зазедоа неколку авганистански административни центри откако американските трупи во текот на мај почнаа да се повлекуваат по наредба на претседателот Џо Бајден.

Според новата анализа на американските разузнавачки служби, што вчера беше цитирана од „Волстрит журнал“, талибанците би можеле да ја преземат власта во земјата за шест до 12 месеци по повлекувањето на САД, што е предвидено да заврши до 11 септември.

Талибанците „не се непобедливи“

-Не можеме да негираме дека авганистанската Влада забрзано губи големи територии. Меѓутоа, падот на Кабул не е неизбежен. Талибанците не се непобедливи, изјави Ендру Воткинс, поранешен советник на ОН во Авганистан, кој сега е експерт на Меѓународната кризна група

Повеќето окрузи што ги држат бунтовниците се во руралните области, што не е многу важно од стратешка гледна точка, смета Воткинс. Иако некои од нив имаат важни патишта, а други се блиску до поголемите градови, „тоа не мора да значи дека талибанците ќе се обидат да ги заземат овие градови во блиска иднина“.

Според Картер Малхаџен, поранешен функционер на Пентагон, кој во моментов работи како консултант за безбедност во Центарот за истражување на Си-Ен-Ен, шансите талибанците да го заземат Кабул на краток рок се „минимални“, но можно е тоа да се случи за една година.

-Ако паднат градови како Кандахар и Мазар-е-Шариф, ќе почнам да се плашам дека и Кабул ќе падне, рече експертот.

Поранешниот пратеник на Барак Обама во Авганистан, Џејмс Добинс, сега експерт во Ранд корпорацијата, предвидува дека борбите ќе се интензивираат на краток рок, истакнувајќи дека ако големите градови паднат во рацете на талибанците, може да дојде до деморализирање на населението.

Поурбанизирано население

Талибанците имаат некои предности во однос на поделената влада. Меѓутоа, овие предности важат во руралните области, каде тие имаат поддржувачи. Авганистанското општество сега е поразлично од 90-тите години на минатиот век: поурбанизирано е, пообразовано и помалку изолирано од остатокот на светот, најмногу благодарение на мобилните телефони, рече Добинс.

Талибанците “немаат многу приврзаници во големите градови, каде што е сместена целата инфраструктура. Кабул сега е град со пет милиони жители. Ситуацијата беше поинаква кога талибанците последен пат ја презедоа власта. Мислам дека тие тешко ќе ги задржат ако е потребно “.

-Се зависи од способноста на авганистанскиот претседател Ашраф Гани да ја одржи владината контрола и од способноста на авганистанската војска да се справи со деморализацијата, корупцијата и лошото управување, вели Ендру Воткинс.

Според експертот, армијата правилно се фокусира на заштита на големите градови и главните патни артерии во земјата. “Меѓутоа, територијалните загуби на владата ќе имаат политички последици. Постои ризик сите да почнат да паничат, од обичен војник (…) до државните лидери”, предупреди Воткинс.

-Авганистанската армија мора да докаже дека е силна и еластична да ги спречи талибанците да се обидат насилно да ја заземат земјата. Единствената шанса за авганистанската Влада е да се спротивстави доволно силно за да можат талибанците да се вратат на преговарачката маса, истракна Ендрју Воткинс.

Талибанците не сакаат да се борат за Кабул. Тие сакаат да видат како авганистанската Влада пропаѓа, за да можат да ја пополнат празнината што ја остава зад себе, а не да се борат, рече Картер Малхаџен. (Франс Прес)