Паднато дрво зад Собрание – загрозена безбедноста на граѓаните
Во паркчето зад зградата на Собранието утрово падна огромно дрво со што, пред сѐ, е загрозена безбедноста на граѓаните.
Од Град Скопје, за Независен весник велат дека Секторот за комунални работи при Град Скопје, во координација со нашето јавно претпријатие „Паркови и зеленило“ се надлежни за следење на состојбата со дрвјата во Скопје.
– Сите решенија за кастрење или сечење на дрвја (Дозвола за Сечење (корнење-кастрење) на дрва, грмушки и жива ограда на јавна или дворна површина) се издаваат од Одделението за комунални работи од областа на одржување и користење на паркови и зеленило при секторот за комунални работи. Истите се издаваат доколку дрвјата се стари и заболени и преставуваат опасност за граѓаните и материјалните добра, по барање на жители и здруженија на станари (куќни совети), како и по службена должност – поточно доколку општините имаат имаат издадено градежни дозволи за реализација на некаков вид на градежен зафат.
Нашите служби се секојдневно на терен, дел во редовни контроли на зеленилото и дрвјата во надлежност на Град Скопје, а дел постапувајќи по секојдневните барња кои пристигнуваат до Градот – додаваат од таму.
Каква е состојбата на дрвјата низ Скопје секој жител на главниот град секојдневно сведочи, но одржувањето како да функционира кампањски, кога некое дрво само ќе падне, како ова денеска, или кога ќе фати невреме, па има повеќе искршени гранки или цели паднати дрвја. Добро е што се нема случено дрво да повреди некого, но многупати оштетени се автомобили паркирани под дрвјата.
Пред десетина дена граѓаните излегоа на протест откако на улицата „Орвце Николов“, во центарот на градот, која се реконструира беа исечени десетина дрвја со објаснување дека биле стари и шупливи и претставувале опасност, иако од фотографиите се забележуваше дека повеќето дрвја беа здрави со развиено стебло и огромни крошни.
Дека Скопје е полно со суви дрвја кои навистина претставуваат опасност за граѓаните, а и ја нагрдуваат сликата за градот, „Независен весник“ пишуваше и лани. Токму на потегот околу Собранието и паркот „Жена борец“, нашиот фотограф забележа десетина суви дрвја, кои сѐ уште стојат на истото место.
„Сушењето на дрвјата во Скопје се случува повеќе години наназад и не е појава која е присутна само годинава. Иако оваа година имаше врнежи, последниве години имавме многу сушни лета што придонесе за значително опаѓање на нивото на подземните води, што негативно се одрази на дрвјата“, рекоа тогаш за „Независен“ од Град Скопје.
Исто така, од ЈП „Паркови и зеленило“ нѝ одговорија во рамките на своите редовни активности врши сечење и отстранување на сувите дрвја во градот по Решенија издадени од страна на Секторот за комунални работи на Град Скопје.
„Нашето претпријатие е во секојдневна комуникација и координација со градските служби за навремено отстранување на сувите и опасни дрвја и избегнување на несакани последици во случај на невреме. Често за исушените дрвја добиваме информации и барања од страна на граѓаните кои со заедничка соработка ги решаваме“, рекоа лани од „Паркови и зеленило“.
Акции за отсранување на сувите дрвја низ градот плански се спороведуваат, но екипите на „Паркови и зеленило“ интервенираат и по барање на граѓаните, но тие сметаат дека надлежните, по пријават, многу доцна интервенираат.
Отсрането паднатото дрво кај Собрание – била скршена само гранка
Утрово, по известување на службите од Собранието, нашите екипи интервенираа на отстранување на падната скршена гранка, не дрво, велат од ЈП „Паркови и зеленило“ за Независен весник.
– Дрвото не е отстрането и си стои, потенцираат оттаму.
– Тригодишниот проект помеѓу Град Скопје и невладината Трифор опфаќа околу 158.000 дрвја од јавно зеленило во Скопје. Пред една недела по иницијатива на UNDP се одржа работилница во која учествуваа сите општини од Скопје, Град Скопје и Скопје ЛАБ како и ЈП „Паркови и зеленило“ и беше одлучено до крај на годината да се изготви План да се отфрлат од Зелениот катастар сите отстранети дрвја. (Б.Б)