Овации за Малер во Скопје – животот, љубовта и смртта синоќа се споија во Филхармонија

Симфонијата бр. 5 почнува да се развива од темно место, со посмртен марш на самиот почеток, кој преминува во бурен втор став. Потоа симфонијата се движи кон валцер, а Адаџетото, нејзиниот четврти став е класично љубовно писмо. Финалето е полно со енергија и живот – како чаша шампањ


Фото: М. Аргакијева

Скопје синоќа прозвучи светски, како Благден. Безвременското ремекдело на австрискиот композитор Густав Малер (1860 – 1911), во изведба на Македонската филхармонија, под диригентската палка на Вања Ѓумар Николовски, ја трогна публиката до болка, зашто делото  совршено ја отсликува неговата мисла „симфонијата е како светот, во неа треба да има ѐ:  живот, љубов и смрт.

Час и пол врвна класична музика, изведена маестрално, со емоции, во потполна тишина, со поткована публика, која молчи и ужива, а не ракоплеска каде што не треба . Петтата симфонија на Густав Малер е комплексна до срж, секој музичар во оркестарот практично е солист.

Ова ремек-дело можеби ги збунила своите први слушатели, но денес таа има иконографски статус во историјата на музиката. Популарноста на ова симфониско дело меѓу пошироката публика, во голема мера се должи на неговиот четврти став – Адаџето, кое режисерот Лукино Висконти го употреби како музичка илустрација во својот филм „Смрт во Венеција“ од 1971 година. Истиот фрагмент од Симфонијата, под диригентската палка на Леонард Бернштајн се свирел и на погребната церемонија на Роберт Кенеди во 1986 година. Токму затоа Адаџетото емотивно се врзува со „превезот на смртта“, иако суштински е инспирирано од љубовта.

Фото: М. Аргакијева

Нам синоќа во големата сала на Филхармонија ни звучеше како празник за ушите, како предвелигденска музичка бајка, збогатување на празничната атмосфера и расположение.

Симфонијата бр. 5 почнува да се развива од темно место, со посмртен марш на самиот почеток, кој преминува во бурен втор став. Потоа симфонијата се движи кон валцер, а Адаџетото, нејзиниот четврти став е класично љубовно писмо. Финалето е полно со енергија и живот – како чаша шампањ.

Симфонијата е напишана во периодот меѓу 1901 и 1902 година. Премиерно била изведена на 18 октомври 1904 година во Келн. Реакциите на публиката биле млаки. Диригирал самиот композитор, а по премиерата изјавил: „Никој не ја разбра. Би сакал да ја водам изведбата на ова дело педесет години по мојата смрт“.
 

Л. Сабит