Овации за „Кармина Бурана“ во Софија – по 25 години пак Балканска филхармонија

Моќната и возбудлива, кантатата на германскиот композитор Карл Орф ја освои публиката уште на првата изведба во операта во Франкфурт во 1937 година, оттогаш со години го привлекува вниманието како на режисерите и кореографите, така и на бројната публика која постојано ја бара на тековниот репертоар


Во Националниот дворец на културата во Софија синоќа се одржа заеднички настап на Македонската, Софиската филхармонија и Симфонискиот оркестар од Солун. На сцената беше изведена „Кармина Бурана“ од Карл Орф.

-Преполна сала, стоечки овации и долги аплаузи! Ова беше епилогот по моќната изведба на епската „Кармина Бурана” од Карл Орф којашто се случи во големата сала на НДК во Софија. Македонската филхармонија, Софиската филхармонија и Државниот оркестар на Солун, како и Софискиот филхармониски хор и солистите: нашата ѕвезда Ана Дурловски, грчкиот тенор Николас Спанос и бугарскиот баритон Иво Јорданов, брилјираа на сцената од каде зрачеа силни креативни вибрации, објавија од Македонската филхармонија на нивниот фејсбук профил.

Како што посочуваат, главниот „виновник” за овој спектакуларен концерт, маестралниот диригент Најден Тодоров не ја криеше неизмерната среќа што конечно се реализираше оваа идеја за уметничко сплотување на, како што и самиот истакна, три оркестри во едно тело 

-Вечерва се потврди уште еднаш дека музиката не разбира граници, туку ја возвишува секоја идеја и мисла во чиста убавина, потенцираат од Филхармонија. 

Ова не е првпат, музичарите од балканските земји да реализираат заеднички проект. Во 2000 година, на иницијатива на Македонската филхармонија се реализираше проектот Балканска филхармонија во која учествуваа музичари од сите балкански земји. Балканската филхармонија одржа три концерти во Скопје.

„Првиот концерт беше во 2000 година под диригентство на маестро Емил Табаков, а беше изведена Бетовеновата Деветта симфонија. Тогаш како солисти настапија Марија Муратовска-Наумовска, сопран од Македонија, Александра Милчева, мецосопран од Бугарија, Мариус Влад, тенор од Романија, и Адријан Ибраими, бас баритон од Албанија. Во изведбата учество земаа и Хорот на Македонската опера и балет, како и Хорот при Македонската радио-телевизија. За првиот концерт за Балканската филхармонија во Скопје беше снимен и долгометражниот документарен филм ‘Радост на животот’ во режија на Светозар Ристевски, кој ја доби и првата награда на фестивалот во Визбаден, Германија, а беше награден и на фестивалот ‘Земјата на виното’ во Калифорнија во 2002 година“. Во 2001, се додава, се одржа и вториот концерт на Балканската филхармонија, на сцената на Универзалната сала во Скопје на кој беа изведени Симфонијата бр.2 „Барбара“ од македонскиот композитор Властимир Николовски и симфониската поема „Ѕвона“ од Сергеј Рахмањинов. Третиот концерт на Балканската филхармонија се одржа во 2002 година, а беше изведена маестралната Симфонија бр.2 „Воскресение“ од Густав Малер.

Моќната и возбудлива, кантатата на германскиот композитор Карл Орф ја освои публиката уште на првата изведба во операта во Франкфурт во 1937 година, оттогаш со години го привлекува вниманието како на режисерите и кореографите, така и на бројната публика која постојано ја бара на тековниот репертоар. Музичката сила, енергијата која извира од неговата музика го прават делото да ги надмине бариерите на времето, и на свој начин, навраќајќи се наназад, како во средниот век според содржината на манускриптите (пронајдени во манастир во јужна Германија), така и неколку децении наназад, преку изразот кој не отстапува од тоналноста, и да го направат делото засекогаш бесмртно во пантеонот на најголемите музички творби воопшто напишани.