Kовачевски го поврза отворањето на бугарските клубови во Македонија со ВМРО-ДПМНЕ
Поддршката на клубовите доаѓа од македонската опозиција која јасно кажа дека континуитетот на партијата доаѓа од Ванчо Михајлов, рече премиерот

Премиерот Димитар Ковачевски го поврза отворањето на бугарските клубови во Македонија со опозициската ВМРО-ДПМНЕ, по одбивањето на лидерот Христијан Мицкоски да се огради од политиката на континуитет со Ванчо Михајлов, додека од партијата постојано ја критикуваат политиката на Владата кон ова прашање. На денешната прес-конференција со француската државна секретарка за Европа, Лоренс Бун, Ковачевски, откако го осуди отворањето на клубовите со имиња на фашистички соработници и откако посоветува дека е најдобро културни центри да носат имиња на културни работници, тој го впери прстот кон ВМРО-ДПМНЕ.
„Поддршката на клубовите доаѓа од македонската опозиција која јасно кажа дека континуитетот на партијата доаѓа од Ванчо Михајлов. Сметам дека и за отворањето имало некаква поддршка од неа“, рече Ковачевски најдиректно.
Одговарајќи на новинарско прашање за тоа каде ја гледа земјата во третиот светски поредок, Ковачевски рече дека Северна Македонија ја гледа како полноправна членка на Европската унија, која ќе изгради економски, политички, демократски и социјален систем, еднаков со сите други земји членки на ЕУ.
„Конечно македонските граѓани, македонската иднина и македонските деца да можат да живеат во држава членка на ЕУ, ама да живеат тука во својата држава, а не да живеат во туѓина, во некоја друга држава членка на ЕУ. Мојата визија и визијата на Владата е многу јасна. Северна Македонија ќе биде членка на ЕУ со заштитен македонски јазик, заштитен идентитет и со заштитена историја и култура. Тоа е држава што почива и на борбата на борците од 1903 година и држава која што почува на Народноослободителната војна од 1941 година и држава којашто почува на слободното и референдумско изјаснување на граѓаните на Македонија во 1991 година“, нагласи Ковачевски.
Во однос на случувањата во Полска и понатамошни ставови на Владата, Ковачевски рече дека во моментов во Брисел се одржува состанок на земјите членки на НАТО, каде присуствува и нашиот амбасадор и целата комуникација во однос на тоа прашање ќе следува по тие состаноци и консултации кои што се прават во Брисел.
„Во однос на случувањето во Полска, вчера изразив сочувство на премиерот на Полска за тоа што се случи. Во однос на понатамошни ставови на македонската влада и мене како премиер ќе следат по состаноците и консултациите во Брисел“, изјави Ковачевски. (Н.В)