„Ова веќе не се поднесува“: Европската федерација на новинари за пријавата за Фуркан Салиу
Наместо да му се заблагодари на неговата работа, полицијата го малтертира, реагира Рикардо Гутиерес, генерален секретар на Европската федерација на новинари
„Ова веќе не се поднесува! Исклучително сум загрижен поради континуираните напади врз независниот новинар и основач на ‘Порталикс’, Фуркан Салиу, во Северна Македонија“, остро реагира Рикардо Гутиерез, генерален секретар на Европската федерација на новинари (ЕФЈ).
Гутиерез потсетува на настаните со апсењето на Салиу, кога „за време на неговиот притвор, провладините медиуми и пропагандистичките профили на социјалните мрежи брзо се обидоа, но не успеаја, да создадат лажни наративи за причините за неговиот притвор, вклучително и неосновани обвинувања дека тој нападнал полицајци“.
„Дополнително, некои владини министри, исто така, се обидоа да го оцрнат угледот на Салиу. Денеска е пријавено дека против него е поднесена кривична пријава која може да доведе до претреси и заплени во неговиот дом и канцеларија. Го повикувам министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, да се погрижи случаите во кои се вклучени новинари да се постапуваат во целосна согласност со европските правни стандарди и секоја истрага во која се вклучени новинари да ја зема предвид потребата да се почитува независноста на медиумите, нивната улога во општеството и особено заштитата на новинарските извори“, бара генералниот секретар на ЕФЈ.
Тој потсетува дека снимањето на полициското насилство и информирањето на јавноста за тоа не е кривично дело, додека сторителите на ова насилство мора да бидат кривично гонети, а не новинарите кои известуваат за тоа, во име на јавен интерес.
„Фуркан Салиу ја има целосната поддршка од Европската федерација на новинари. Заедно со нашите подружници ЗНМ и ССНМ и меѓународните невладини организации за слобода на печатот, внимателно ќе го следиме неговиот случај. Фуркан Салиу само си ја изврши должноста. Властите треба да му се заблагодарат наместо да го малтретираат“, пишува Гутиерез.
Иако министерот за внатрешни работи Панче Тошковски тврдеше дека има докази дека Фуркан Салиу на 7 април нападнал полицаец, додека овој го убедуваше дека не се случило такво нешто, МВР не поднесе кривична и не за напад, туку за „спречување службено лице во вршење службено дејствие“.
Во кусото соопштение нема детали како Салиу спречувал полицаец и дали тоа било толку опасно што беше однесен со лисици и држен во полициска станица.
„Ве известуваме дека по целосно документирање на настанот, на 11.04.2024 од страна на Единицата за насилен криминал при СВР-Скопје до ОЈО Скопје против лицата Н.Ј. и Ф.С. поднесена е кривична пријава за сторено кривично дело Спречување службено лице во вршење службено дејствие“, вели МВР.
Следеше и повик на социјалните мрежи од припадник на полицијата во група каде членуваат полициски службеници „да не го заборават лицето на новинарот“, што според Салиу било директен повик на насилство.
Фуркан Салиу напиша дека ако нешто му се случи, одговорни ќе бидат Љупчо Москов (авторот на постот), Драган Павловиќ-Латас, кој на телевизија го коментираше настанот и министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.
Тој денеска на својот Фејсбук профил излезе со сериозни обвинувања.
„Информациите кои стигаат од нашите извори во МВР се загрижувачки. Како во најтемните периоди на оваа држава се спремаат за нешто поголемо со цел да се дефокусира јавноста од случувањата во последните две недели.
Ако тоа е цената која што ова општество треба да ја плати за да се дефокусира, уапсете ме уште денеска“, напиша тој на Фејсбук.
Случајот со апсењето на новинарот, е предмет на работа на Внатрешната контрола во МВР.