Ова не е „земи или остави“, вели граѓанскиот сектор за францускиот предлог
Две невладини организации, Институтот за демократија и Институтот за европска политика, денеска преку соопштение порачаа дека е потребен широк општествен консензус за францускиот предлог за кревање на бугарското вето и во него наведуваат повеќе точки кои, според нив, се спорни.
Двата института тврдат дека „аргументите ‘сега или никогаш’, ‘земи или остави’ не се оправдани во ситуација кога идниот изглед на ЕУ не е познат и кога војната во Украина налага потреба од итен успех во проширувањето што треба да се направи по секоја цена. Сега тоа е на штета на Северна Македонија, но и на самата ЕУ“. Тие додаваат дека „штетата од овој присилен ‘успех’ ќе ја направи земјата уште поранлива на подривачки влијанија од трети страни и е далеку поголема по безбедноста и стабилноста на регионот“.
Ова се неколку од нивните забелешки: почетокот на вистинските преговори е одреден со внесувањето на етничките Бугари во преамбулата на Уставот ќе нè остави уште долго во чекалната; протоколот кој сè уште не е достапен за јавноста, останува дел од преговарачката рамка; историските теми остануваат на маса, а мешовитата експертска комисија за историски и образовни прашања добива многу поголем притисок (европски, а не бугарски) за резултати.
Инситутите тврдат и дека решението за македонскиот јазик не е чисто и со внесувањето на унилатералните ноти за македонскиот јазик, Бугарија си остава простор во подоцнежната фаза на преговорите да го блокира затворањето на ова поглавје. Потпишувањето на договорот за Фронтекс не е правна гаранција за непризнавање на јазикот во ова поглавје.
Тие велат дека за политичкиот естаблишмент прифаќањето нема да биде „ни триумф, ни дебакл“, но за нашето општество се создава ризик дека пристапниот процес ќе биде јамка околу вратот што ќе се затега во следните децении. Институтите ѝ поставуваат осум барања на Владата на коишто треба да одговори и кои се однесуваат за заштитата на јазикот, идентитетот, протоколот и зошто ова е е „последна шанса“ за евроинтегративниот пат. Тие, исто така, бараат да нема забрзани консултации и да се остави повеќе време за дискусија и анализа. Во соопштението не се наведува дали некоја точка од нацрт-преговарачката рамка е прифатлива. Ова нивно соопштение е поддржано и од уште неколку други невладини организации и поединци.