Отворено студио за медиумски иновации на Правниот факултет „Јустинијан Први“
На Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје денеска беше отворено студиото во рамките на Центарот за иновации во медиумите кое има за цел да ја подобри практичната настава на новинарските студии и да привлече поголем број на студенти.
Деканот на Правниот факултет, „Јустинијан Први“ – Скопје, Сашо Ѓеоргиевски, на денешниот настан по повод отворање на студиото истакна дека ова е проект кој е посветен на унапредување на медиумското образование.
– Проект кој дојде во времето кога ние самите сериозно размислувавме што да правиме со новинарските студии. Новинарските студии одат надолу, нема интерес за нив. Јас сум сигурен дека преку центарот на идните генерации ќе има понудиме практична работа со учество на наши посветени пријатели, професионални новинари кои ќе ни помагаат да ги унапредуваме студиите. Целта на проектот е поширока, преку работата на центарот да ја покренеме свеста за значењето на новинарската професија, рече тој.
Амбасадорката на САД во Република Северна Македонија, Анџела Агелер, истакна дека еден од клучните аспекти на поддршката на САД, покрај правосудството, се медиумите. Таа повика студентите да бидат менторирани проактивно.
– Сите знаеме дека новинар посветен на вештини и знаење е неопходен. Добро новинарство е нешто што сите можеме да го препознаеме. Структурите и платформите на медиумите се сменети драматично. Преку ова студио, ќе се креираат профили на новинари и ќе се инспирираат идните генераци и тие што се посветени да бидат пример за вистинито и транспарентно известување, рече амбасадорката.
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, истакна дека ова претставува многу значаен чекор за осовременување на студиите и новинарството воопшто.
– Денеска, додека ги отвораме вратите на ова студио во Центарот за иновации во медиумите, сакам да верувам дека отвораме и новата страница во начинот на студирање и изучување на новинарската професија. Една пресвртница која ќе донесе креативност, истражување и иновации во медиумскиот свет, рече министерот.
Ректорката на Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ Скопје, Билјана Ангелова, истакна дека имајќи го предвид фактот дека новинарите се креатори на јавното мислење, неопходно е професионално новинарство, кое што ќе биде транспарентно и отчетно.
– Затоа е неопходен пристап до современи новинарски алатки и современа дигитална опрема, рече таа.
Дон Гилпин од Државниот универзитет во Аризона, Волтер Кронкајт школо за новинарство и масовни комуникации сподели дека во денешницата е неопходно да ја разбираме техологијата.
– Ако не ги разбираме технологиите тогаш ќе им служиме на луѓето кои ги разбираат и користат. Продукти како овој и целата програма што се случува се клучни за градење силно општество. Значајно е за факултетот кој ќе ги користи овие технологии за унапредување на учењето. Овој центар ќе служи како сврзно ткиво помеѓу Универзитетот, професионалните новинарски капацитети и јавноста, рече таа.
Раководителката на Центарот за иновации во медиуми, Правен факултет „Јустинијан Први“ Скопје, Јасна Бачовска Недиќ, го раскажа процесот на создавање на студиото и сподели дека првата цел, како што рече, е дополнување на новинарските студии, а втората привлекување на нови студенти.
– Ќе ја задржиме европска традиција на теорија, но ќе ја засилиме со американската теорија на вештини, истакна професорката.
Студиото е опремено со најсовремена опрема за создавање и уредување на медиумски проекти, со цел унапредување и осовременување на студиите по новинарство на Правниот факултет „Јустинијан Први” при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје, со поддршка од амбасадата на Соединетите Американски држави преку заеднички проект со Волтер Кронкајт школото за новинарство и масовни комуникации при државниот универзитет во Аризона.