Отворено писмо од жителите на Лагадин до партиите и кандидатите за градоначалник


Жителите на Лагадин испратија отворено писмо од жителите на Лагадин до партиите и кандидатите за градоначалник барајќи јаво да го изразат својот став во врска со незаконскиот хотел безмалку поставен врз самиот регионален пат со што е загрозена нивната безбедност и се прекршени 6 закони, и тоа: Закон за градење, Закон за урбанистичко планирање (и стариот Закон за просторно и урбанистичко планирање), Закон за заштита на животна средина, Закон за води, Закон за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион и од него изведениот “План за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион” со Акциски план (2020 – 2029).

-Очекуваме дека во вашите политички програми за претстојните локални избори веќе сте го вклучиле рушењето на лагадинската легализирана дивоградба која е епитом на длабоката корумпираност во македонското општество. Ова особено го очекуваме бидејќи преправањето дека нема дивоградби од страна на властите праќа постојана порака да не се почитуваат законите, да се гради нелегално на кој каде ќе му текне, со цел да се поддржува и мотивира криминал, а да се обезмоќуваат чесни граѓани.

Незаконскиот хотел целосно го нарушува пределот во кој се наоѓа, а кој претставува дел од Светското природно и културно наследство на УНЕСКО, единствен таков регион во Македонија и статус кој секој македонски функционер има правна обврска да го заштити. Патриотизмот значи државотворност, значи грижа за сограѓаните, значи заштита на најголемата природна скапоценост што Македонија ја има и одговорно управување со неа во служба на јавниот интерес! Нема ништо попатриотско од зачувување на наследството и негово безбедно пренесување во рацете на идните генерации со аманет да управуваат со него со љубов и со ум.

Игнорирањето на нашите барања значи дека застанувате на страна на узурпаторите и се правите глуви на гласот на граѓаните, но да ве потсетиме дека на овие локални избори токму тој глас вие го барате!- стои во отвореното писмо на жителите на Лагадин.