Отворена новата пионерска велосипедска патека на Водно – забрането за пешаци

Љубителите на планинарскиот велосипедизам од денеска може да возат по новата нагорна пионерска патека на Водно, која е дел од проектот „Велосипедски парк Водно“.

Официјалното отворање на патеката беше денеска на пладне на средно Водно, а претходно, сите велосипедисти беа поканети да учествуваат на натпревар во организација на „Прв до врв“. Натпреварот почна во 10 часот од полициска станица Водно и секој натпреварувач стартуваше на 20 секунди, при што учеството беше бесплатно.

Со изградбата на велосипедската патека на Водно, се отвора ново поглавје во туристичката понуда на Скопје, но и на Република Северна Македонија, смета градоначалникот на Скопје Петре Шиелгов.

– Тргнувајќи од фактот дека велосипедскиот туризам се реализира преку програмата за развој и промоција на туризмот во шест држави од Западен Балкан, и Градот Скопје ја изгради оваа сертифицирана вело – патека што ги исполнува условите за организација на меѓународни натпревари на северните падини на Водно – додаде тој.

Новата планинска велосипедска патека е со променлива широчина (најмногу до 3 метри), со вкупна должина од 3.432 метри и се протега од полициската станица се до Средно Водно. За да се зголеми безбедноста на сите посетители на Водно, таа е посебна патека наменета исклучиво за велосипедистите, односно целосно одвоена од патеките на Водно што се наменети за пешаци и планинари.

Проектот за уредување на оваа планинска вело-патека на Водно се реализираше во соработка и е кофинансиран од Советот за регионална соработка (Regional Cooperation Council).