Отворена изложбата „Зад Македониумот“ во кабинетот на Пендаровски


 

Споменикот на Илинден во Крушево, познат како Македониум, е несомнено најкомплексното, најрепрезентативното скулптуларно-архитектонско дело, кое е возвишен израз на нашата современа уметност, скулптура и архитектура, рече во своето денешно обраќање претседателот Стево Пендаровски по повод отворање на изложбата „Зад Македониумот“.

Изложбата е отворена во Кабинетот на претседателот по повод одбележувањето на 31 година независна македонска држава, и е составена од скици, цртежи, фотографии и макети од личната колекција на Јордан и Искра Грабулоски, автори на Македониумот.

Според Пендаровски, Македониумот е парадигма за тоа како големите историски наративи можат и треба да се толкуваат и препрочитуваат во контекстот на современоста и актуелноста.

Според претседателот, токму преку пристапот во конципирањето и реализација на Македониумот и на целиот пејсаж околу него, се гледа дека историското наследство може да биде стартна позиција за еманципирана и универзална иднина, а не просторна застоеност и ретроградност.

„Низ изложбата поставена овде која ќе биде достапна за широката јавност преку посета на платформата ‘Отворен Кабинет’, согледуваме дека станува збор за дело кое е многу повеќе од просторен објект што рефлектира само историски реминисценции. Напротив, Јордан и Искра Грабулоски низ своја уметничка перспектива создаваат дело кое е трансисториско и кое покрај во тогашните, лесно може да се вкотви и во сегашните актуелни текови на современата ументост и архитектура“, додаде претседателот.

Она што, според претседателот, најмногу инспирира во делото на Јордан и Искра Грабулоски, а што може да го согледаме и низ оваа изложба, е тоа што преку конципирањето на споменикот во Крушево, свечено отворен на 2 август 1974 година , авторите настојувале да ги посочат автентичните корени на оваа земја, од која произлегуваат новите општествени и културно уметнички парадигми.

Ќерката на Јордан и Искра Грабулоски, Лира Грабул, посочи дека Македониумот е симбол на македонската нација и историја, но и на индивидуалниот став на автори кои твореле во едно време, кога уметноста им припаѓаше комплетно на уметниците.

„Јордан беше вајар, а Искра архитект, па во естетиката на споменикот се чувствува синергијата која постоеше меѓу нив и сензитивноста на времето во кое твореа и живееа. Јордан беше исклучително креативен автор, нурнат во своите естетски, емотивни и умствени игри, а Искра беше керозинот и сврзниот двигател во процесот на раѓањето на споменикот. Заедничко за двајцата беше нивната храброст во естетскиот израз и фактот што беа свртени кон современата иднина“, додаде Грабул.

Изложбата ќе биде достапна за посета за широката јавност до 30 септември 2022 година.