Отворен повик од УНИЦЕФ – децата да бидат на прво место за време на локалните избори

Во пресрет на локалните избори во Северна Македонија, имаме единствена можност да го насочиме вниманието кон благосостојбата на децата и да ги поттикнеме сите учесници во локалната заедница да го постават нивниот развој како приоритет.
Речиси една третина од населението се деца, сепак тие и понатаму се непропорционално погодени од сиромаштија, исклученост и недоволни вложувања.
Локалните власти имаат моќ да го променат ова. Одлуките што се носат на локално ниво – за училиштата, градинките, парковите и другите места во заедницата – ги обликуваат местата каде што децата живеат, учат и се играат.
Овие избори се можност за храбри и трансформативни заложби што ќе му помогнат на секое дете да напредува и да го достигне својот целосен потенцијал.
- Поддршка на децата изложени на ризик од сиромаштија
Децата во Северна Македонија многу почесто отколку возрасните живеат во сиромаштија: 30% од децата живеат под националниот праг на сиромаштија и 43% се соочуваат со различни форми на лишување. Децата Роми се особено изложени на ризик од исклученост.
Сиромаштијата кај децата не се однесува само на индивидуални тешкотии што го попречуваат развојот на детето и неговите можности подоцна во животот– таа го поткопува човечкиот капитал на земјата. Решавањето на сиромаштијата кај децата е поисплатливо отколку справување со последиците подоцна – како што се полоша здравствена состојба, повисока невработеност и продолжување на циклусот на исклученост кај следната генерација.
Локалните власти можат да воведат програми за социјална заштита за поддршка на семејствата што се соочуваат со тешкотии, како што се парична помош од општината за семејства со новороденчиња и првачиња и ослободување од плаќање за градинка за семејства со ниски приходи, вклучително и деца Роми и деца со попреченост. Тие, исто така, имаат клучна улога во проценката на потребите, планирањето на локални активности, проширувањето на услугите и координацијата со центрите за социјална работа за да им помогнат на ранливите деца и семејства.
- Да се даде приоритет наедносменска настава за секое дете
Со оглед на тоа што повеќе од две третини од децата на возраст од 15 години не ги постигнуваат основните вештини во читање со разбирање, математика и природни науки, обезбедувањето квалитетно образование е национален приоритет. Многу училишта работат во две смени, што го скратува времето за квалитетно учење и воннаставни активности.
На возраст од 14 години, едно дете добива речиси 900 помалку часови настава во споредба со своите врсници од ОЕЦД – што одговара на повеќе од една цела изгубена учебна година. Истовремено, намалениот број ученици и растечкиот број наставници доведоа до многу мали одделенија во повеќето општини. Само 12 општини (15%) ја исполнуваат законската обврска од 20 ученици по одделение.
Локалните власти можат да ја оптимизираат училишната мрежа за да се премине кон едносменска настава. На тој начин ќе се обезбеди секое дете, без разлика каде живее, да има пристап до целодневно учење во добро опремени средини, со големина на одделенијата што поттикнуваат и заедничко учење и социјализација.
Со воведувањето на новите формули за финансирање на основните и средните училишта, ресурсите ќе бидат подобро усогласени со реалноста и потребите на локалните заедници. Новиот пристап ќе помогне да се поттикне успехот во учењето, ќе отвори простор за воннаставни активности кои развиваат креативност, благосостојба и социјално-емоционален развој и ќе обезбеди соодветни ресурси за инклузија на секое дете во квалитетно образованието.
- Проширување на услугите за предучилишно образование и грижа за децата
И покрај докажаните придобивки за децата, жените и економијата, само половина од децата на возраст од 3 до 5 години во Северна Македонија посетуваат градинка. Посетеноста е значително пониска кај најранливите групи – децата кои живеат во сиромаштија, децата Роми и децата со попреченост.
Инвестицијата во предучилишно образование и грижа е во исто време социјална инвестиција и паметна економска политика. Квалитетното рано образование го подобрува успехот на училиште, го намалува осипувањето и им помага на децата да изградат посилни социјални и емоционални вештини. Проширувањето на услуги за грижа за децата им овозможува на родителите, особено на мајките, да се вклучат на пазарот на трудот со олеснување на обврските за грижа за децата, што пак го зголемува приходот на семејствата, локалниот економски раст и го намалува родовиот јаз во вработувањето. Одговорноста за грижа за децата и понатаму е најголема пречка за вработување на жените: 59% од неактивните жени ја наведуваат оваа причина, во споредба со само 2,3% од мажите.
Локалните власти може да ги пренаменат неискористените простории во училиштата и во други објекти во заедницата во училници за предучилишно образование – исплатлива стратегија за подобар развој на децата, оснажување на жените и зајакнување на локалната економија.
- Отстранување на бариерите со кои се соочуваат децата со попреченост
Децата со попреченост се соочуваат со значителни бариери за целосно учество во заедничкиот живот и за пристап до основни услуги. Недостигот од услуги за интервенција во раното детство и ограничените опции за предучилишно образование го попречуваат нивниот развој и премин кон основно и средно образование.
На сите нивоа, недостигот од квалификуван кадар и недоволните финансиски средства дополнително го ослабуваат спроведувањето на инклузијата, оставајќи многу деца без поддршката што им е потребна за учење и развој. Локалните власти играат клучна улога во обезбедување заедниците да бидат пристапни за сите и децата со попреченост да бидат соодветно земени предвид во локалното планирање. Од тротоари до паркови, од предучилишно до средно образование, пристапните средини се од суштинско значење, а тоа бара прилагодувања во инфраструктурата, асистивна технологија и обезбедување ефикасни услуги за поддршка.
Локалните власти исто така играат важна улога во пружањето услуги што се базираат во заедницата и воспоставување центри за поддршка на ученици со попреченост во училиштата во рамки на секоја општина, како нова мерка воведена со Законот за основно образование.
- Поддршка за децата во ризик од насилство
Локалните власти имаат клучна улога во обезбедувањето поддршка и можности за децата во ризик – без оглед дали тие деца живеат или работат на улица, се во судир со законот, се изложени на ризик од злоупотреба на супстанци или растат без родителска грижа.
Локалните власти можат да го зајакнат системот за заштита на децата преку воспоставување Локални совети за превенција и правда за децата, како што е предвидено со законот.
Тие можат да поврзат повеќе сектори вклучувајќи ги тимовите за теренска работа со деца на улица за навремено идентификување на потребите и поддршка – како што е семејна интеграција или алтернативна грижа – ; и училиштата и услугите на ниво на заедницата во обезбедување поддршка за менталното здравје и животни вештини. Може да придонесат и преку соработка со центрите за згрижувачки семејства да се даде поддршка на нови згрижувачи, со што ќе се обезбеди децата да растат во безбедна и грижлива средина.
Пошироко гледано, локалните власти можат да ги поддржат родителите и старателите и да обезбедат ефикасни услуги во заедницата за превенција, одговор и поддршка на децата и семејствата во ризик, вклучувајќи ги и жените и децата кои доживеале насилство.
- Локалните климатски акции и акциите за заштита на животната средина да стават фокус на децата
Неодамнешните климатски настани и опасности го свртеа вниманието кон еколошките закани во земјата. Екстремните горештини, пожари, токсичен чад, загаден воздух и небезбедна средина го загрозуваат здравјето, безбедноста и развојот на децата. Се проценува дека 11,6 проценти од сите смртни случаи на деца под една година можат да се поврзат со загадувањето на воздухот. Изложеноста на загаден воздух во раното детство го нарушува и физичкиот и когнитивниот развој, оставајќи трајни последици.
Локалните власти можат да го сменат ова. Преку своите надлежности во урбанистичко планирање, управување со отпад, еколошки стратегии и справување со кризи, локалните власти можат да станат предводници на зелена транзиција што директно им користи на децата и адолесцентите.
Ова значи спроведување стандарди за управување со отпад, зајакнување на превенцијата и брзиот одговор на пожари, создавање безбедни и зелени јавни простори и вложување во мониторинг на квалитетот на воздухот. Тоа, исто така, значи поддршка на младински иницијативи што ја зголемуваат свесноста, отпорноста и граѓанското учество, а воедно се обезбедува и глас на децата во локалното одлучување преку младински совети, младински центри и локални младински стратегии. Со ставање на децата во центарот на еколошките политики, општините не само што ги заштитуваат од непосредни штети, туку градат и поздравa, поодржлива иднина.
- Промовирање здрава исхрана во и околу училиштата
Децата сè повеќе растат во средини со нездрава храна кои поттикнуваат лоша исхрана, зголемување на телесната тежина и долгорочни ризици за здравјето. Секое трето дете на училишна возраст веќе има зголемена телесна тежина, што ја нагласува итната потреба од дејствување. Во многу училишта, засладените пијалаци и ултра-преработените ужинки се многу полесно достапни од хранливи и поздрави опции.
Учлиштата треба да понудат безбедна средина што поттикнува здрав развој. Здрава средина за исхрана значи редовен пристап до свежо овошје и зеленчук, балансирани и хранливи оброци и училишна средина што охрабрува здрави избори и физичка активност. Локалните власти имаат клучна улога во обезбедување училиштата и снабдувачите на храна да нудат нутритивно богати оброци со достапна цена во согласност со националните насоки.
Тие, исто така, можат да го искористат своето влијание за да ги обесхрабрат училиштата од поставување автомати со засладени пијалаци и ултра-преработени ужинки, како и од давање училишен простор за рекламирање на нездрава храна.
Преку промоција на нутритивно богата храна во училиштата локалните власти можат да го поддржат физичкиот и когнитивниот развој на децата и да испратат силна порака дека здравјето и благосостојбата на децата се пред комерцијалните интереси.
Една цел: Децата на прво место
Децата не можат да гласаат, но се важни. Очекуваат локалните лидери да мислат на нивната иднина кога ќе донесуваат одлуки. Со земање предвид на овие заложби, локалните власти можат да придонесат за благосостојбата и идниот развој на децата во нивните заедници. Заедно, да се обединиме и да ги ставиме децата на прво место.