Отворен булеварот „Босна и Херцеговина“ во Скопје


Екипите на Град Скопје ја завршија изградбата на првиот дел од новопроектираниот булевар „Босна и Херцеговина“, кој изминативе месеци прерасна од улица со две ленти во современо булеварско решение со шест сообраќајни ленти и комплетна инфраструктура.

– Ми претставува огромно задоволство, денеска, во присуство на амбасадорот на Република Босна и Херцеговина во нашата земја, во присуство на градоначалниците на општините Бутел и Чаир и на советници од Советот на Град Скопје и официјално да го пуштиме во употреба првиот дел од булеварот „Босна и Херцеговина“, инвестиција вредна околу 100 милиони денари. Се сеќавате дека овде имаше една стара улица која исто се викаше „Босна и Херцеговина“ и која 50-тина години не беше реконструирана. Сега, сведочиме на најмодерно сообраќајно решение, со целосна инфраструктура, шест сообраќајни ленти, две велосипедски и две пешачки патеки, средишно зеленило и странично зеленило. Овој булевар всушност е дел од секундарниот северен прстен за којшто разговаравме во текот на кампањата во 2017 година и ова е неговата реализација. Булеварот се протега од улицата „Македонско-косовска бригада“ до раскрсницата со улиците „Александар Урдаревски“ и „Ќемал Сејфула“. Тој ги поврзува граѓаните на општините Шуто Оризари, Карпош, Чаир, Бутел и Железара со преостанатиот дел од градот и заедно со булеварот „Христијан Тодоровски Карпош“ претставува брз излез на обиколницата. Во чест на Република Босна и Херцеговина денеска го отвораме овој булевар, за граѓаните да уживаат во овој квалитет што го внесуваме во Скопје – рече на денешната прес-конференција градоначалникот Петре Шилегов. 

Тој нагласи дека Градот Скопје и тоа како вложува во нова и современа инфраструктура, а во тек се градежните работи на булеварот „Никола Карев“. Шилегов упати апел до граѓаните додека се изведуваат реконструкциите на градските улици да се придржуваат кон сообраќајните режими што се воведуваат за да се овозможи побезбедно одвивање на сообраќајот.

На отворањето за сообраќај на булеварот „Босна и Херцеговина“ денеска присуствуваа и амбасадорот на Република Босна и Херцеговина, Драган Јаќимовиќ, градоначалниците на општините Чаир и Бутел, Висар Ганиу и Велимир Смилевски и советници од Советот на Град Скопје.