Отворен Балкан овозможува подготвени да ја пречекаме тешката зима

Ако заедно работиме на капацитети за обновлива енергија, ќе постигнеме стабилност во сите земји, порачаа тројцата лидери


Фото: Б. Грданоски

 

(Од нашиот известувач)

БЕЛГРАД – Нѐ чека тешка зима, но затоа потпишавме повеќе договори, кои ни овозможуваат заедно да ја пребродиме и заедно да истапиме пред Европската унија за помош, беше главната порака на лидерите на Србија, Македонија и на Албанија, Александар Вучиќ, Димитар Ковачевски и Еди Рама, на прес-конференцијата по потпишувањето на Спогодбата за соработка во рамки на иницијативата Отворен Балкан, денеска во Белград. 

Фото: Б. Грданоски

„Нас нѐ чека тешка зима, ако зборувам поинаку не би било фер и не би ја зборувал вистината. Ќе се обидеме како Западен Балкан да побараме делумно помош за купување енергија преку Европската унија, ако тоа ни успее, многу ќе ни помогне. Ако со Македонија имаме заедничка гасна конекција би си помагале едни со други. Но, тие немаат гас, а ние немаме капацитети. Која и одлука да ја донесеме за забрана на извоз на жито или други производи, никогаш нема да имаме просперитет. Затоа ни треба соработка, заедно да се носиме со последиците од кризата“, порача претседателот на Србија, Вучиќ.

Фото: Б. Грданоски

Албанскиот премиер Еди Рама оцени дека вчера беше најдобриот ден, најголемиот ден за Отворен Балкан, но предупреди дека тоа „можеше да биде и типично лош ден за Балканот во целина“.

„Место да им отвориме врата на луѓето кои вредно работат, кои работат со душа, на производителите на храна, од целиот свет, место тоа можеше да отвориме врата на вестите за некои судири или воени конфликти. Затоа, ајде да гледаме пред себе, да ги зближуваме луѓето, подобро да се разбираат и да се ставиме во кожата на другите. На тие работи им е потребно решение. Без да заборавиме дека има многу работи околу кои може да соработуваме“, рече Рама.

Тој потсети дека претседателот Вучиќ рече оти оваа зима ќе биде најтешка на овие простори, но дека „ ние сме поштедени од овие тешки последици“. Сепак, вели Рама, во Косово постојат и рестрикции на електрична енергија.

Рама: Цената на стрјата ќе остане на ниво од почетокот на кризата со Украина

„Во меѓувреме, Германија и Франција ги претставија програмите за рестрикции. Тоа се планови кои опфаќаат рестрикции на електрична енергија, по 22 часот навечер, гасење на излозите, уличното осветлување, како и за време на пандемијата, само да се заштеди електрична енергија. Разговаравме колку тоа ќе не чини, а да не го ставиме на грб на нашите граѓани. Затоа потпишавме спогодба денеска, која ќе треба да се спроведе. Да не ги чепкаме цените на струјата за домаќинствата и за малите потрошувачи. Ќе ја задржиме истата цена, на ниво од по војната, откако настана кризата. За да се покрие тоа ќе бидат потребни стотици милиони евра. Прашање е колку време ќе трае оваа криза, можеби имате пари, но немате од каде да ја купите струјата. Затоа ни е потребна оваа соработка. Праќам повик до ЕУ, да не го повтори срамното однесување кон Западен Балкан, како во време на ковид-кризата, кои беше приморан да се сврти кон Кина, Русија, за лекови, медицински персонал, затоа што ЕУ беше затворена само за себе и гледаше само за себе“, рече албанскиот премиер.

Фото: Б. Грданоски

За среќа, вели Рама, сите лидери на ЕУ увидоа дека ова беше срамно однесување, па истакнаа дека ни е потребна политичка унија.

„ЕУ се состана и одлучи дополнително да ги поддржи овие земји. Земјите на ЕУ имаат сопствени буџети и заеднички буџет, а ние се потпираме само на нашите скромни буџети. Ние тројца ќе одиме во ЕУ да побараме иста работа за нас и дополнителна финансиска помош, а ќе бидам среќен ако до тогаш ни се придружат уште три земји. За Албанија се потребни најмалку половина милијарда евра за одржување и снабдување со електрична енергија, а да не ги оптовариме граѓаните. Сакаме да воведиме заедничка инвестициска агенција, која се вика Агенција за странски вложувања Отворен Балкан, која би имала филијали во сите земји, но под ист покрив“, најави Рама.

Фото: Б. Грданоски

Соработка на српската и македонската енергетска  берза

Премиерот на Македонија, Димитар Ковачевски смета дека подобро е да ја пребродиме заеднички оваа зима, отколку секој сам. „Тоа е идејата на Отворен Балкан. Тоа не е ништо ново за нас, како добри соседи, си помагавме за време на кризата, ќе продолжиме така. Нема да имаме некакви забрани, па дури и да поставиме забрана за извоз, таа нема да важи за земјите од Отворен Балкан. Овие договори кои денеска ги потпишавме, овозможуваат набавка на храна за нашите земји“, порача тој.

Покрај конкретни чекори за снабдување со храна, се согласиле и за соработка во енергетиката, меѓу Српската берза за електрична енергија и Македонскиот оператор на организиран пазар на електрична енергија, а она  што се прави на домашен план, може да се искористи и на регионално ниво.

Фото: Б. Грданоски

„Ако заедно работиме на капацитети за обновлива енергија, ќе постигнеме стабилност во сите земји. Имаме капацитети за производство на електрична енергија, но имаме недостиг на суровини, затоа потпишавме договор што ќе овозможи навремена набавка. Поединечно доколку настапуваме пред светскиот пазар сме послабни, но како регион имаме поголема можност за привлекување на странски инвеститори. Затоа потенцијалите за поврзување на регионот беа една од точките за кои разговаравме“, порача Ковачевски.