Отворање на Параолимписките игри во Париз, Оливера Наковска-Бикова единствен претставник од Македонија
Свеченото отворање на Параолимписките игри (28 август – 8 септември) ќе се одржи вечерва во Париз, Франција, на кое ќе учествуваат 4.400 спортисти и 182 делегации.
Церемонијата ќе се одржи надвор од стадионот, на плоштадот Конкорд и на авенијата Шанзелизе, во кореографија на Швеѓанецот Александар Екман, додека уметнички директор е Томас Жоли кој рече дека церемонијата е наречена „Парадокс“.
Церемонијата, која започнува во 20 часот, ќе трае околу три часа, пред околу 50.000 посетители со дефиле на спортски делегации по познатата париска авенија.
Францускиот министер за внатрешни работи Жералд Дарманин неодамна изјави дека до 25.000 полицајци и жандарми и 10.000 приватни агенти за обезбедување ќе бидат распоредени за време на Параолимписките игри, кои за првпат ќе се одржат во Париз.
Оливера Наковска-Бикова ќе биде единствената македонска спортистка која ќе ја претставува нашата земја на Параолимписките игри во Париз.
Наковска-Бикова имаше успешни подготовки, а според најавите во Париз ќе настапи во три стрелачки дисциплини на 31 август, 2 и 4 септември.
49-годишната параолимпијка од Битола го освои златниот медал во дисциплината 10 метри воздушен пиштол на Параолимпикиските игри во Лондон 2012.