Отворање на  15. „Танц фест“ со „Идентитети“ на Скопје танцов театар


Претставата „Идентитети“ на Скопје танцов театар вечер од 20 часот во Македонскиот народен театар ќе го отвори 15.„Танц фест“, кој под мотото „Идентитети што не смеат да се пропуштат!“ ќе се одржува до 23 април.

-Годинашната програма е посветена на младите, современите танчари и нови кореографски имиња од нашава земја, со цел општеството да го препознае идентитетот кој го создадовме, како резултат на долгогодишното влијание на фестивалот и неговото значење за развојот на современата танцова сцена кај нас, изјави Рисима Рисимкин, уметнички директор на „Танц фест“.

На почетокот на фестивалот, кој вечер ќе биде одбележан со настанот „Танц фест и пријателите“, ќе биде доделена наградата „Менада“ за врвни остварувања во областа на танцот и првпат „Менада“ за млад уметник. За врвни дострели е наградена танчарката и кореографка од Кина Зао Шји, уметничка директорка на Интернационалниот фестивал „The New“ во Пекинг, а Марко Мицов, кој има успешна кариера во САД, е првиот лауреат на „Менада“ за млад уметник.

По вечерашното отворање, фестивалот ќе продолжи со дводневен (5 и 6 април) Интернационален натпревар за млади кореографи „Танцлаб“ на кој, покрај наши, ќе учествуваат и селектирани млади кореографи од Франција, Холандија, Израел, Русија, Италија и Полска.

На 9 април на „Танц фест“ ќе гостува „Кодартс“ од Ротердам со претставата „Таленти во движење“. Ќе бидат прикажани кратки кореографии меѓу кои и на македонската кореографка Адријана Данчевска, која во изминатиот период работеше во Холандија.

На 10 април во Младинскиот културен центар ќе биде изведена претставата „Проширување на објективот“ со настап на млади танчари, студенти на Универзитетот „Гоце Делчев“ и гости танчари од Швајцарија и Италија. На 16 април во МНТ премиера ќе има Скопје танцовиот театар со програмата: „Луцидниот Јос“ на Дејан Битровски и „Скеч“ на Адријана Данчевска.

Првпат годинава „Танц фест“ ќе има програма и во ноќниот клуб „Сектор“, а од 18 до 21 април на сцената „Зебра“ ќе се одржува програмата за деца „Танцуваме со Виталија“. „Танц фест“ ќе заврши на 23 април со „Секвенци – Минато, Сегашност, Иднина“ – гостувачка претстава од Ханџо, Кина.