Отстранети 60 кубни метри отпад од дива депонија во населбата Топаана


Вчера, екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје отстранија над 60 кубни метри отпад од обемна дива депонија лоцирана во скопската општина Чаир, во населбата Топаана, на раскрсницата меѓу булеварот „Македонско-косовска бригада“ и улицата „Џон Кенеди“.

При реализацијата на активностите беа ангажирани 10 работници на терен, со употреба на специјални комунални возила – подигнувач, багер и две патарки.

И покрај континуираните активности на ЈП Комунална хигиена-Скопје, во реонот на населбата Топаана речиси секојдневно се создаваат диви депонии како резултат на неправилното одлагање на отпадот на јавни и сообраќајни површини.

Во текот на првата половина на годината, екипите на претпријатието подигнаа приближно 6000 кубни метри отпад од диви депонии на територијата на Градот Скопје.