Oткупувачите ветиле флексибилна и фер проценка на тутунот


Откупувачите ќе покажат конструктивен и флексибилен пристап при категоризацијата на тутунот и при проценката на одбитоци. Ова е договорено на денешната средба со премиерот, Зоран Заев и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Арјанит Хоџа.

Како што информира владината прес-служба, откупувачите се согласиле да ги прифатат понудените количини од производителите кои, пак, ќе бидат обврзани да нудат подеднакви количини од сите категории за да се постигне повисока просечна цена и да не се чуваат залихи од поквалитетниот тутун.

На средбата, сите компании откупувачи се согласиле и дека ќе ја исполнат својата обврска да ги откупат сите количини тутун на кои се обврзаа со државата. Дополнително, постигната е и согласност дека до крајот на сезоната, откако ќе заврши откупот на договорените количини за оваа година, ќе се откупи и целиот вишок, како и дека ниту еден лист тутун нема да остане кај  производителите доколку тие за време на откупот нудат подеднакви количини од сите категории од нивното производство.

-На средбата е постигната заедничка согласност за поголема флексибилност при откупот на годинешната реколта кој, согласно Законот, почнува денеска со отворање на сите откупни места во државата. На средбата беше потенцирано како прифатлива заложбата да се врати довербата во утврдената постапка и да продолжи динамиката на откупот со подеднакви количини од сите категории тутун како обврска на тутунопроизводителите за да не се создава перцепција на ниска просечна цена заради појавата во првите денови на откупот кога производителите ги нудат само пониските категории тутун, наведуваат од Владата.

Министерот Хоџа, како што најавија од МЗШВ, попладнево  ќе има средба со Сојузот на тутунари и Иницијативниот одбор на незадоволните тутунари во Општина Прилеп.

Вчера, откако по договорот во петокот, откупот продолжи, производителите повторно се пожалија дека откупувачите прават малверзации при проценката, како и при одредувањето на одбитоците. Тие најавија блокади ако состојбата веднаш не се надмине, а минатата недела протестираа, изреволтирани од, како што рекоа, нереалната проценка, но и поради ниската откупна цена. Министерот Хоџа оцени дека барањата на тутунарите се реални, предложи укинување на четвртата класа со цел постигнување повисока цена, но порача дека сепак, најпрво, треба да му се даде предност на дијалогот. Хоџа вчера беше во посета на откупен пункт за лично да се увери во состојбата.

Од 23.000 тони тутун, досега се откупени само 1,6 отсто. Просечната цена е околу 165 денари, а производителите бараат најмалку 200.