Откажана собраниската расправа за Предлог-законот за попис
Оваа комисија утринава е тргната од дневните активности на веб страницата на Собранието. Засега официјално не е соопштена причината зошто е откажана оваа комисија.
Вчера, ВМРО-ДПМНЕ реагираше за овој Предлог-законот и начинот на којшто тој треба да биде донесен. Според партијата, законот е изготвен без консултации и со ставањето на европското знаменце власта се обидува во брза собраниска процедура да протне законски текст без јавна дебата на која ќе бидат пренесени и ставовите на опозицијата и на граѓаните.
Според Предлог-законот за попис, Државниот завод за статистика треба во април 2020 година да го спроведе деветтиот Попис на населението, становите и домаќинствата на територијата на Република Северна Македонија. Според Предлог-законот, се предвидува дека за Пописот ќе бидат потребни 522.751.000 денари од кои 221,315,000 за 2019 година и 301,436,000 за 2020 година. Финансиски импликации врз државниот Буџет ќе има и во 2021-ва (за прибирање, обработка и печатење на податоците од Пописот и нивно дисеминирање), но во предложеното законско решение не пишува колкава сума треба да се проектира.
Во изминатиот период државава има спроведено осум пописи на населението: во 1948, 1953, 1961, 1971, 1981, 1991, 1994 и 2002 година. Во 2011 година, почнатиот попис беше прекинат со одлука на Владата.