Осумдесет години болка
Како се случи бугарската профашистичка влада и царот Борис пред 80 години да постапат по барањата на Берлин за депортација на Евреите. Царот претпочиташе да ги жртвува небугарските отколку бугарските Евреи за да добие отстапка
Пред некој ден една поголема група бугарски научници го повика тамошното општество конечно да се соочи со мрачните моменти од неговата историја и наместо да се митологизираат настаните од почетокот на март 1943 година наречени „Спас на бугарските Евреи“, да биде кажана целата вистина – дека кога државата ги спаси бугарските Евреи, таа истовремено ги испрати во концентрациониот камп Треблинка оние од окупираните територии во Вардарска и Егејска Македонија и југоисточна Србија. Од тие територии во Треблинка беа испратени 11.343 Евреи, само седумдесетина од нив останаа живи.
„Со текот на времето, 10 март стана тежок датум со пораки и тишини. Зборовите за доблест, благородност и храброст издигнати на него коегзистираат со агресивно негирање на соучесништво во мрачно дело. Нашата земја никогаш не сакаше да најде јазик со кој ќе означи два неразделни и во исто време поларно спротивни историски факти: зачуваните животи на Евреите од предвоените територии на Бугарија и депортацијата во Треблинка (4–29 март 1943) од окупираните земји од април 1941 година“, напишаа авторите, меѓу кои има познати историчари, професори, новинари, филозофи и други општествени дејци.
„Овој морален гест во никој случај не би поставил колективна вина на целата воена генерација, а уште помалку на следната. Напротив, тоа би било знак на зрелост и учтивост, заслужен поклон кон невините жртви и израз на почит кон оние кои, всушност, придонеле за спасување на многу човечки животи“, се наведува во документот.
Има безброј трагични приказни за тоа како беа собирани македонските Евреи од Скопје, Битола и Штип во скопскиот монопол пред точно 80 години, ноќта меѓу 10 и 11 март 1943 година. Македонското општество со децении со голем траор се сеќава на она што им беше направено на еврејските граѓани, како бугарските окупациски војски по барање на геманските нацистички сили ги собираа и ги испраќаа со возови во страшниот логор на смртта. Многу од тие приказни ги знаеме многу добро и ден-денес, некои се подзаборавени.
Да ги оставиме настрана македонските, бугарските или други регионални историографии кои ја опишуваат срамната улога на бугарскиот режим од тоа време во холокаустот. Понатаму во текстот ќе пренесеме еден дел од книгата на американскиот историчар Маршал Ли Милер, „Бугарија за време на Втората светска војна“ објавена уште во 1975 година од Универзитетот Стенфорд во Калифорнија. Оваa книга исцрпно и неутрално со очите на еден Американец и со документи од многу тајни архиви и лични сведоштва опишува што се случувало во Бугарија од септември 1939 до септември 1944 година. Во неа се објаснети сите настани поврзани со Бугарија во Втората светска војна: од кризата за Добруџа, приклучувањето на Софија кон Силите на Оската, операцијата „Марита“, окупацијата на Македонија, депортациите на Евреите од окупираните територии, смртта на царот Борис…
Еве како Маршал Ли Милер документира и пренесува како дојде до депортацијата на Евреите.
„Евреите во Бугарија беа бројно безначајни и – за разлика од другите европски земји – играа мала улога во академскиот, професионалниот, па дури и економскиот живот на земјата. Како резултат, антисемитизмот практично не постоеше; освен неколку помали избувнувања околу преминот на векот, немаше погроми во Бугарија. Нацистите и бугарските фашисти создадоа статистика за да ги дискредитираат Евреите – на пример, бројки кои покажуваат дека Евреите всушност имале големо економско значење и директно или индиректно контролирале 35 до 80 проценти од трговијата на Бугарија. Сепак, единствениот факт што можеше убедливо да се покаже е дека Евреите поседувале поголеми количини акции по глава на жител и имале повеќе пари во банките од просечниот Бугарин, главно заради нивната концентрација во градовите…
Numerus clausus во бугарската држава
Во февруари 1939 година, на околу 6.000 Евреи со странско државјанство, од кои многу нивни семејства живееја во Бугарија со генерации, им беше кажано дека нема да добијат продолжување на нивните лиценци за трговија и ќе им биде забрането да вршат испораки до армијата и јавните служби. Потоа, во септември 1940 година, Железната гарда ја презеде контролата над Романија и издаде бројни декрети од нацистички тип, вклучувајќи и некои ограничувања за Евреите. ‘За да не заoстанe зад Романија во изразување на лојалност кон Хитлер’, напиша социјалистичкиот политичар Димо Казасов, ‘бугарската влада го предложи Законот за одбрана на нацијата’. Во ноември 1940 еруптираше горчлива дебата во Народното собрание околу овој сеопфатен закон против Евреите. Донесениот закон беше многу строг. Како што истакна Раул Хилберг (австриско-американски историчар – н.з.): ‘Како резултат на тоа, тој не беше баш благ закон, бидејќи Бугарите не започнаа со благост. Воздржаноста се примени дури потоа, кога изгледите за германска победа почнаа да бледнеат’.
На Евреите им беше забрането да се занимаваат со голем број професии, а беше воведен и numerus clausus за да се ограничи процентот на Евреи на коишто им е дозволено да практикуваат медицина, право, инженерство и ред други професии, како и да запишуваат на универзитети.
Сепак, треба да се истакне дека бугарскиот закон беше поблаг отколку што се очекуваше од германските модели. Прво, дефиницијата за Евреин беше нешто потесна отколку во германските уредби. Второ, членот 33. ги ослободи семејствата на Евреите на кои им беа доделени медали за храброст, што значеше дека околу една десетина од еврејските семејства во Бугарија беа ослободени од ограничувања. Конечно, иако законот беше изгласан од Народното собрание во јануари 1941 година, тој требаше да стапи целосно во сила шест месеци подоцна. Царот самиот изрази незадоволство од законот и го одложи потпишувањето до 15 февруари 1941 година, со образложение дека не сака да дозволи да се донесе ваков строг закон за време на божикните празници.
Како и да е, германското инсистирање резултираше со донесување на многу други регулативи и ограничувања на Евреите во следните осумнаесет месеци. Најважни беа законите со кои се наложува (1) посебен данок од дваесет проценти за сиот еврејски имот и (2) конфискација на рударски имот, аптеки, акции, полиси за осигурување и куќи во сопственост на Евреите, освен лични живеалишта. За патување беа потребни посебни дозволи, иако тие беа редовно издавани до почетокот на 1942 година; радијата беа забранети; и требаше да се носи жолтата Давидова ѕвезда.
Законот ‘Сите мерки’ беше усвоен од Народното собрание кон крајот на јуни 1942 година и беше проследен со понатамошна низа строги ограничувања за Евреите.
Спротивставувањето на поекстремните закони се разви и кај лидерите на владата, чии активности понекогаш се разликуваа од нивните зборови. Можеби највпечатливиот беше примерот на Петар Габровски, министерот за внатрешни работи, кој беше спонзор на антиеврејското законодавство. Во септември 1942 година, група од 350 Евреи се собра пред министерството во знак на протест против неговите неодамнешни одлуки. Габровски ги виде од својата канцеларија и ги покани во дворот каде, на изненадување на сите, разговараше со нив половина час. Најлошото помина, рече тој, и нема потреба да се грижат, бидејќи владата предвиде сè. Потоа застана пред портата и лично го увери секој од делегатите дека нема опасност.
Овој инцидент предизвика вознемиреност кај Германците и во антисемитскиот Комесаријат за еврејски работи. Истиот ден, Габровски им наредил на бугарските весници да не спомнуваат ниту за еврејското прашање ниту за активностите на Комесаријатот; ситуацијата е веќе утврдена, рече тој, и немаше смисла да се алармираат луѓето. Тој и министерот за правда Константин Партов, исто така, го информираа Александар Белев, шефот на Комесаријатот, дека Дворот и Советот на министри сакаат одредена умереност во акцијата преземена против Евреите; затоа царот сè уште не го потпишал законот за ограничување на Евреите во одредени театри и таверни.
Притисокот на Рибентроп
Германскиот амбасадорт Теодор Бекерле, сепак, во своите извештаи до Берлин негираше дека владините службеници биле благи кон Евреите. Една од причините што Бугарија не сакаше да преземе нешто, објасни тој, е што многу Евреи биле државјани на други земји. Уште во декември 1941 година, Хитлер ги извести Бугарија и другите земји од Источна Европа дека Германија е подготвена да ги депортира своите Евреи на Исток (Полска, или подоцна, окупирана Русија) ако тие сакаат. Бугарија не сакаше. Во јуни 1942 година, Александар Белев изјави дека преселувањето на Евреите ќе биде можно само по завршувањето на војната или кога ќе се земе соодветна земја од сојузниците во Африка или на Исток, но додаде дека може да се преземе нешто порано ако Германија ја преземе целосната одговорност за задачата. Во истиот месец стапи во сила нова уредба во новите анектирани делови на Македонија и Беломорие (бугарско име за Егејска Македонија и Тракија) со кои на жителите им се дава целосно бугарско државјанство, освен ако не посакаат поинаку и ја напуштат земјата; меѓутоа, на Евреите експресно им беше ускратено правото да добијат државјанство. Ова им сугерираше на некои набљудувачи дека Евреите наскоро ќе бидат депортирани.
Во септември 1942 година, Рибентроп нареди да се направат сите дипломатски напори за да се забрза депортацијата на Евреите од различните земји во Европа, и тој конкретно ја спомна Бугарија. Бекерле извести дека бугарската влада е воодушевена од предлогот, но има одредени потешкотии; на крајот на краиштата, ако владата не беше во можност да им го одземе бугарското државјанство на Евреите, тешко дека ќе бидат можни порадикални мерки. Понатаму, тој објави, поради недостиг на работна сила во Бугарија, премиерот Богдан Филов не сметаше дека возрасните мажи Евреи можат да бидат поштедени од нивната сегашна работа за изградба на патишта; и таксата од 250 рајхсмарки што Германците сакаа да ја наплатат за секој ‘преселен’ Евреин се сметаше за превисока.
На германската влада сега ѝ беше јасно дека царот не сака да преземе драстични активности против Евреите во Бугарија, но нацистите веруваа дека тој може да биде убеден да дозволи „преселување“ на Евреите од анектираните територии. Во јануари 1943 година, SS-Hauptsturmführer (капетан) Теодор Данекер дојде во Бугарија како специјален претставник на Адолф Ајхман да преговара со Белев за депортација на македонските и тракиските Евреи. Ако требаше да се направи одредена отстапка за еврејското прашање, царот претпочиташе да ги жртвува небугарските отколку бугарските Евреи. Следствено, тој даде одобрение дека во актот за депортација да се прецизира дека тој ‘се согласил само на протерување на Евреите од новите земји на Истокот. Од самите бугарски Евреи тој сакаше да бидат депортирани само само мал број болшевичко-комунистички елементи’. На преостанатите бугарски Евреи треба да им биде дозволено да останат во земјата, бидејќи сè уште беа итно потребни за изградба на патишта.
Ова беше границата до која Белев беше овластен да оди, но за време на преговорите за спогодбата со Данекер тој направи нови пресметки и откри дека на новите територии немало 20.000 туку само околу 12 000 Евреи. За да ја достигне посакуваната квота, тој требаше да вклучи 8.000 бугарски Евреи во депортацијата; затоа ја означи ограничувачката фраза ‘од новите бугарски земји, Тракија и Македонија’ од нацрт-копијата на договорот.
Инцидентот во Ќустендил и последиците за Евреите во Македонија
Договорот Данекер-Белев беше потпишан на 22 февруари 1943 година и веднаш започнаа тајните подготовки за собирање на Евреите во неколку големи логори. Граничните чувари беа зголемени за да спречат бегства, бидејќи властите беа свесни дека неколку поединци Евреи веќе дознаа за планот. Навистина, Евреите од Скопје беа предупредени неколку дена порано, иако многумина не веруваа во тоа. Планот предвидувал полицијата во даден град да оди во домовите на Евреите во раните утрински часови и да им наложи на семејствата да го спакуваат својот имот во рок од еден или два часа. Тогаш сите ќе беа собрани на некое централно место – во Скопје, на пример, во напуштен магацин за тутун – каде што можеа да се чуваат неколку недели додека не бидат депортирани.
Градовите избрани во Бугарија беа Пловдив, Варна, Ќустендил, а подоцна и Софија. Датумот требаше да биде 10 март 1943 година. На 2 март Советот на министри, постапувајќи под надлежност на законот ‘Сите мерки’, изгласа одземање на државјанството на сите бугарски Евреи и конфискација на имотот на оние што ја напуштиле земјата.
Инцидентот во Ќустендил ги измени сите распореди. Еден од службениците на Белев, Л.Б. Паница, имал еврејска љубовница, на која ѝ раскажал за плановите за депортација на Евреите од Ќустендил и другите бугарски градови. Таа информирала некои пријатели во Ќустендил, кои пак контактирале со Јако Барух, еврејски адвокат во Софија. Барух и другите потоа отидоа да го видат Димитер Пешев, претставник на Ќустендил во Народното собрание и негов потпретседател. Пешев тогаш набрзина договори состанок со министерот за внатрешни работи Габровски во знак на протест против наредбите за депортација.
Габровски најпрво негираше постоење на такви наредби; но кога му беа соопштени деталите за операцијата во Ќустендил, тој го известил Филов и побарал упатства. Филов одговори дека наредбите не можат да се променат. Делегацијата отиде дома во очај. Следното утро, тие дознаа дека ситуацијата е целосно променета. Наредбите беа откажани; оние наредби што веќе биле испратени биле противречни и Евреите биле ослободени. Причините за оваа промена сè уште се предмет на многу контроверзии.
Извештаите за инцидентот се разликуваат доволно за да се направат можни различни толкувања, но традиционалното гледиште сепак изгледа најверојатно. Борис претпочиташе да му ги препушти непријатните детали на Комесаријатот на Белев, но еден факт е надвор од прашање – ако царот сакаше Евреите да бидат депортирани, тие ќе беа. Антиеврејските мерки беа секако непопуларни кај бугарскиот народ, но овој факт беше оправдување колку и причина за недепортирање на Евреите.
Сепак, Евреите од Македонија и Тракија, немаа корист од ова кусо олеснување. Тие беа уапсени и беа однесени во логорите за депортација поставени во близина на десетина големи градови, од кои беа испратени со воз и брод во логорот на смртта во Треблинка. Од околу 11.400 депортирани, само околу седумдесет се вратија. Еден од советниците на царот, Лулчев, рече дека Борис не ги одобрува протерувањата, затоа што кога на 1 јуни се појави предметот за депортациите во Скопје за дискусија, Борис повторно стана многу депресивен и повтори неколку пати: ‘Еве, земете ја мојата глава, земете ја главата!’
Борис потоа се сретна со Рибентроп и му рекол дека е дадена дозвола само за преселување на Евреите од новите територии; другите сакаше да ги задржи во Бугарија за да работат по патиштата. Рибентроп одлучи да не го турка ова прашање, но рече само дека Германија верува оти радикалното решение е најдобро.
Бидејќи употребата на еврејска работна сила за изградба на патишта беше оправдување на Борис за раселување на бугарските Евреи, Германците одлучија да истражат. Во тоа време, 6.000 возрасни мажи Евреи беа во градежните екипи, а наскоро требаше да се додадат уште 8.000, кои ги сочинуваа речиси сите способни за тешка работа. Сепак, германските истражители известија дека работничките тимови имале многу мал учинок и дека членовите на екипите морале да работат само неколку часа на ден.
Евреите од Бугарија беа однесени во провинциите каде се сметаше дека нивната депортација е неизбежна. Но нацистите веќе имаа други поголеми грижи: тие стравуваа дека сојузниците ќе се истоварат на Балканот, па судбината на Евреите по логорите кои работеа на патиштата беше оставена настрана. Смртта на царот Борис на 28 август 1943 година исто така го сврте вниманието од еврејското прашање“, пишува Маршал Ли Милер во книгата. Делот за Бугарија и еврејското прашање е многу поголем, ние пренесовме само некои фрагменти од него.
(Линк до колумната во Дојче веле овде)