Осум кандидати за домаќин на Евробаскет 2029


Минхен – Осум земји поднесоа официјална кандидатура за домаќин на Европското првенство за кошаркари во 2029 година, објави денеска европскиот огранок на ФИБА.

Меѓу кандидатите за 43. издание на Евробаскетот се шест поранешни домаќини и пет поранешни шампиони.

„Тоа што добивме осум официјални кандидатури само покажува колкав е интересот за најважниот европски настан. Нашите национални федерации го прифатија овој формат со повеќе домаќини не само како алатка за раст на конкуренцијата, туку и како начин за развој на нашиот спорт во секој агол на континентот“, изјави извршниот директор на ФИБА Европа, Камил Новак.

Свои кандидатури поднесоа Естонија, Финска, Германија, Грција, Литванија, Холандија, Словенија и Шпанија. Од овие осум кандидати, четири земји ќе бидат избрани како кодомаќини.

Од осумте држави, само Естонија и Холандија досега не биле домаќини на завршната фаза на турнирот, додека Финска се обидува да стане првата земја која ќе биде домаќин на две ЕП по ред, бидејќи ќе биде и еден од кодомаќините на овогодишното натпреварување во септември.

Европската титула, од овие осум кандидати, низ историјата ја освоија Грците, Германците, Литванците, Словенците и Шпанците, а на Грција и на Германците тоа им успеа на свој терен (Грција 1987, Германија 1993).