Оставката на Ленче Ристоска е пример на интегритет – анализира Форумот за разумни политики
Оттаму посочуваат дека случајот со Ленче Ристоска е пример на јавно повлекување од функција со образложение засновано на лични и професионални принципи, со што, како што додаваат од Форумот, се врши усогласување помеѓу принципите и дејствијата и покрај сложениот институционален и политички контекст.
Случајот со скопската обвинителка, како што се посочува во анализата, отвора прашања за условите за работа во обвинителството, степенот на независност на обвинителите, односот меѓу личниот интегритет и институционалниот контекст, а воедно влијае врз перцепцијата за интегритетот на институцијата и довербата на граѓаните
„Клучниот аргумент во овој случај е усогласеноста помеѓу јавно изнесените ставови и донесената одлука. Ристоска укажува на ограничувања во својата професионална автономија, политичките притисоци, и на неможност да работи согласно сопствените принципи, по што следува конкретен чекор – повлекување од функцијата. Одлуката за оставка претставува конзистентен чин во однос на јавно изнесените ставови“се додава во анализата на Форумот за разумни политики.
Јавната обвинителка Ленче Ристоска минатата недела поднесе оставка од функцијата поради, како што наведе, долгогодишни притисоци, опструкции и неодамнешните одлуки на Советот на јавни обвинители и државниот јавен обвинител со кои ѝ се одземаат предмети на кои работи изминатите години. Во отвореното писмо, Ристоска упати критики до системот, посочувајќи дека нејзиниот интегритет бил директно нападнат.