Основен суд Скопје 1: Да продолжи трендот на подобрување на квалитетот на одлуките за мерката притвор


Фото: Б. Грданоски

При постапувањето по предлозите за определување, продолжување или
укинување на мерката притвор неопходно е континуирано да се унапредува имплементацијата на стандардите и ставовите изразени во одлуките на ЕСЧП.

Ова е еден од петте заклучоци кои произлегле од дебатната средба на тема „Притвор и други мерки за обезбедување присуство на обвинетиот : предизвици при парктична примена“ во организација на Подружница на Здружение на судии при Основен суд Скопје 1 Скопје, во соработка со Академијата на судии и јавни обвинители и со финасиска поддршка на мисијата на ОБСЕ во Скопје.
Како што соопштија од Основниот суд Скопје 1 Скопје, на дебатата било заклучено да продолжи трендот на подобрување на квалитетот на одлуките во правец на давање на доволно образложени и аргументирани причини засновани на конкретни фактички околности за основите за определување, продолжување или укинување на мерката притвор или други мерки за обезбедување присуство на обвинетиот.
– Потребно е да се воспостави ефикасна и ефективна соработка со релевантите домашни органи, институции и судови во спроведување во одлуките за притвор и другите мерки за обезбедување присуство на обвинетиот. Да се продолжи со организирање на дебатни средби во кои ќе бидат
вклучени и јавното обвинителство, адвокатурата и Бирото за застапување на Република Северна Македонија пред ЕСЧП, било истакнато на дебатата за притвор и други мерки за обезбедување присуство на обвинетиот.
Правото на слобода и безбедност во смисла на чл.5 од ЕКЧП е од најголемо значење во едно демократско општество, па затоа секое лишување од слобода треба да има фактичко и правно оправдување, посочуваат од Подружница на Здружение на судии при Основен суд Скопје 1 Скопје.