Османи во Шведска доби цврста поддршка за европскиот пат на Македонија

На министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска за време на посетата на Шведска, актуелен претседавач со ЕУ, му беше искажана целосна поддршка за македонскиот пат кон Унијата. На средбата со министерот за надворешни работи Тобијас Билстром беше реафирмирана поддршката на Шведска за нашата евроинтеграција, а беше нагласена неопходноста од донесувањето на уставните промени, со цел непречен тек на преговарачкиот процес и трасирање на патот кон членство во ЕУ до 2030.
Османи го увери Билстром дека Македонија останува силен поддржувач на членството на Шведска во НАТО, што ќе придонесе за зајакнување на безбедноста на евро-атлантскиот простор.
„Забрзанaта интеграција на нашата држава во ЕУ и што поскорото членство на Шведска во НАТО ќе ги одврати злонамерните влијанија на трети фактори кои се обидуваат да ја поткопаат безбедноста и стабилноста на европскиот континент. Затоа денес, уште еднаш се заложивме дека заеднички ќе се помагаме за членство во ЕУ и НАТО“, истакна Османи.
Министерот Османи се заблагодари за континуираната посветеност на Шведска на процесот на пристапување на нашата земја во ЕУ, посебно во областа на развојната соработка, во рамки на која Северна Македонија е повторно меѓу приоритетните држави-партнери на шведската развојна помош во области кои се најкорисни за нашите реформи од пристапниот процес.
На средбата стана збор и за регионалната динамика, за која двајцата министри оценија дека е од клучно значење за безбедноста и стабилноста на регионот, но и на Европа.
Во рамки на посетата, министерот Османи оствари средба и со претседателот на шведскиот парламент, Андреас Норлен, на која беше дискутирана одличната парламентарна соработка меѓу двете земји.
Во делегацијата е и претседателот на парламентарната Комисија за европски прашања Арбер Адеми.