Османи во Приштина: Косово и Македонија добар пример за добрососедство
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи ја започна посетата на Косово со средба со заменик-премиерката и министер за надворешни работи и дијаспора, Доника Гервала-Шварц. Притоа, беа реафирмирани исклучително добрите односи меѓу Северна Македонија и Косово, како и подготвеноста на двете страни за натамошно градење на блиско и трајно пријателство, во интерес на граѓаните на двете земји, но и како „добар пример за регионот кој сè уште е соочен со бројни предизвици“, истакна министерот Османи.
Се разговараше за конкретни теми поврзани со билатерална соработка, со фокус врз економијата и можностите за засилено инфраструктурно поврзување.
„Косово и Северна Македонија имаат исклучително динамична трговска размена, но истовремено постојат и огромни потенцијали за зајакнување во делот на економијата, за што секако е потребна и инфраструктурна поддршка“, порача Османи. Осврт беше направен на соработката во ресорите образование и наука, култура, здравство и др.
Во рамките на насоченоста кон градење отворен дијалог со сите земји од регионот, на Османи ја пренесе поддршката на Северна Македонија за дијалогот меѓу Приштина и Белград, како најдобар начин за надминување на разликите и изнаоѓање на трајно решение меѓу двете земји, во интерес на граѓаните и регионот како целина.
„Нашата заедничка амбиција, за полноправно членство на сите шест земји од Западниот Балкан, преставува единствената алтернатива која обезбедува долгорочна стабилност и просперитет“, заклучи Османи.
Дипломатските активности на Османи во Приштина продолжуваат со негови средби со претседателката на Косово, Вјоса Османи-Садриу, претседателот на парламентот, Глаук Коњуфца и премиерот Албин Курти.