Османи вели дека партнерите биле координирани за дадените функциии на Алтернатива


Министерот за надворешни работи Бујар Османи изјави денес на прес конференцијата по средбата со американскиот функционер Габриел Ескобар дека сите партии во коалицијата биле информирани и координирани за преговорите со Алтернатива на Африм Гаши и дека знаеле што им нудел премиерот Зоран Заев за да и се приклучат на Владата. 

Тоа беше реакција на медиумските пишувања дека се разгорува нервозата во владеечката коалиција бидејќи партиите што се веќе во неа за сличен број на  пратенички места добиле многу помалку од Алтернатива. Претседателката на ДОМ, Маја Морачанин изјави денес дека изворно не е запознаена со текстот на договорот помеѓу Заев и Гаши, но очекува да бидат повикани од страна на премиерот и истиот да им биде презентиран.

„Очекувам да бидеме повикани за да ни биде презентиран овој договор што е постигнат со Алтернатива, бидејќи ние немаме информации што содржи тој и што е договорено. Очекувам да имаме разговор со премиерот Заев и да ни биде презентирано она што е договорено. Она што е за нас како ДОМ најважно, тоа се програмските приоритети на новата влада, за кои немаме разговарано. Во јавноста некако одеа само позициите што се договарани и се остави впечаток дека практично Алтернатива во Владата и парламентарното мнозинство е врзана со министерски, заменички, директорски и итн. места, но за нас најважна е програмата, вели Морачанин.

„Факт е дека во јавноста се добива впечаток дека со голем број на позиции ќе раководи Алтернатива, но јас не сакам да коментирам, ниту е коректно за други политички партии да се зборува. Легитимно е секој да преговара и тоа е работа на преговори и договори. Но, она што за нас е важно тоа се програмските приоритети. Тој дел од Договорот за нас е многу важен како дел од мнозинството за поддршка на новата Влада,“ додаде таа.