Османи: Уште осум граѓани бараат да бидат евакуирани од Украина

За останатите 20, нема да прават напори да ги евакуираат се додека не добијат барање од нив дека сакаат да бидат евакуирани.


Фото: Б. Грданоски

Уште осум граѓани од кои четворица наши, а четворица украински државјани, но во роднинска врска со нашите, бараат да бидат евакуирани од Украина, информира денеска на редовниот брифинг министерот за надворешни работи Бујар Османи.

– Од 120-те мапирани и контактирани наши граѓани, околу 80 проценти се веќе евакуирани, останати се осум граѓани коишто бараат евакуација, а се се уште во Украина. Од нив четворица се наши државјани, четворица се украински државјани, но во роднинска врска со нашите. Има и други наши граѓани околу 20, но тие не бараат евакуација, посочи Османи.

Додаде дека се обидуваат да ги евакуираат овие осум граѓани, а за останатите 20, како што рече, нема да прават напори да ги евакуираат се додека не добијат барање од нив дека сакаат да бидат евакуирани.

Нема да одбиеме ниту еден украински бегалец кој ќе дојде на нашата граница

Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска пред Владата ќе ги презентира податоците добиени од државните институции за капацитетите за сместување на бегалци кои би дошле од Украина, но и плановите и задолженијата за сите институции кои би биле вклучени во процесот.

Тој не очекува голем наплив украински бегалци во земјава, но, како што нагласи, ако тоа се случи не се исклучува можноста и за креирање импровизирани капацитети за згрижување.

-Денеска ќе имаме прецизна информација од страна на МНР откако ги добивме податоците од секоја државна институција за капацитетите со кои располагаат. Ние нема да одбиеме ниту еден украински бегалец кој ќе стигне на граница. Напротив ќе биде примен со сите аспекти на хуманитарно згрижување на бегалците. Капацитетите што ги утврдија институциите јас ги имам ставено во табела и денеска ќе ги презрентиран на седница на Влада. Станува збор за бројот на капацитетите кои ги имаме сега во државните институции, што не значи дека доколку хипотетички би имало поголем број на бегалци нема да создадеме импровизирани капацитети и да ги сместуваме, рече Османи во редовниот неделен брифинг со новинарите.

Тој рече дека предвид може да се имаат и искуствата од земјите од ЕУ, каде, како што рече, голем број граѓани се пријавуваат да ги згрижат во своите домови.

-Не очекувам во овој период дека ќе има голем бран, бидејќи тие одат во други држави во соседството на Украина, но бројките се зголемуваат и се стасува до бројка од три до четири  ммилиони украински граѓани кои ја напушптаат Украина. Затоа ние треба да бидеме подготвени, истакна министерот за надворешни работи.

Тој информира дека покрај табелата на сите капацитети кои ги предложиле министерствата на денешната седница на Владата ќе ги презентира и задолженијата на здравствените институции и она што тие треба да го направат во однос на згрижување на бегалците ако за тоа има потреба, но и задолженијата за другите институции кои треба да се грижат за нив