Османи тврди: Немаме преземено обврски во Софија


Фото: Б. Грданоски

Обврски не се преземени. Во Софија е воспоставен отворен дијалог за позициите на двете страни во однос на прашањата. Ние разменувавме идеи за можни решенија по однос на сите тие точки кои се споменуваат, а се комплементарни на основната идеја што ја дава португалското решение, изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи на гостувањето на телевизија Канал 5, во однос на писмото од бугарското МНР.

„Овие решенија се разменети како идеи и предлози на состанокот. Идејата и договорот беше на нив да се одговори пред Самитот. Доколку имаме договор, тоа да се преточи во поддршка и тогаш би имале комплетен договор. Негативното е што овој одговор од Софија доаѓа после Советот, значи ја немаме одлуката, но предноста е што ова е индикација дека начелно се прифаќаат идеите како да се надмине проблемот“, појасни Османи.

Жално е, посочи Османи, што стигнавме во ситуација да бараме гаранции  – Бугарите од нас да бараат гаранции за имплементација на договореното, а ние сега да кажеме „па и јас сакам гаранција дека ќе добиеме зелено светло за почеток на преговорите“.

Не сметам, нагласи Османи, дека ова прашање може да се реши со еднострани решенија.

Во Софија, рече Османи, се разговараше за идеи како да се надминат разликите.

„На пример, во однос на краткото име. Едно од барањата на Бугарија беше секаде да стои само Република Северна Македонија, додека Северна Македонија да се исфрли од употреба. Ние сметавме дека тоа не треба да е така, и дадовме предлог дека најдобро ќе се реши, доколку со една изјава ние кажеме дека краткото име е исто, како што е и долгото име“, изјави Османи.

Во однос на точката, која се однесува на рехабилитација на жртвите на југословенскиот комунизам, Османи рече дека во 2006 година, Собранието веќе има донесено ваква слична резолуција, и воопшто не гледа ништо спорно да се усвои една таква резолуција.

За содржината на учебниците, Османи рече дека прашањата на стереотипите и говорот на омраза треба да бидат расчистени и за тоа да се најде заеднички наратив. „Европскиот пристап е поинаков. Едноставно секој си има свој поглед во однос на конкретен историски настан и историска личност и двете страни ги почитуваат или пак во учебниците се објаснуваат двата погледи и тоа е дел од проблемот. Затоа сметам дека историската комисија не е ниту замислена да може да најде решение за една или две години. Тоа е тежок процес“, изјави Османи. (МИА)