Османи тврди: Нема да има нови дивоградби во Чаир


Кандидатот за градоначалник на Општина Чаир, Бујар Османи, во дебатата на „Топ тема“ на ТВ Телма со противкандидатот Изет Меџити , изјави дека дивоградбите и корупцијата се најголемиот извор на проблемите во општината и дека токму тие го задушиле Чаир во последните две децении.

„Ако Чаир требаше да се препознава по светот по Чаршијата, по историските споменици и по зеленилото, денес, за жал, кога ќе го спомнете Чаир, помислата на целата држава, па и пошироко, е синоним за дивоградби и корупција“, изјави Османи.

Тој посочи дека постојат три категории на дивоградби, но најопасни се комерцијалните згради изградени без план, на државно земјиште и без платени комуналии.

„Со тоа е оштетен буџетот, а тие пари завршиле некаде на друго место. Граѓаните кои со сите свои заштеди купиле станови во тие згради денес немаат документи за сопственост, немаат паркинг-места, а многумина живеат во згради без стабилна конструкција“, рече Османи.

Според него, корупцијата и урбаната мафија се темелот на колапсот во општината.

„Во Чаир имаме случаи каде што станбени згради се легализирани како хотелски апартмани, за да се плати само 7 евра наместо 140. Со тоа е направена милионска штета на буџетот, а Чаир е урбанистички задушен“, нагласи Османи.

Османи остро го осуди процесот на организиран криминал што се одвивал со години, со директна вмешаност на општината и урбаната мафија.

„Цела држава знае дека тоа бил процес на организиран криминал, каде што општината и урбаната мафија ги заземале државните парцели, ги антидатирале објектите како да се градени пред 2011 година, а потоа е изгорена и архивата. Тоа се стотици милиони евра извлечени од граѓаните“, рече Османи.

Истовремено, тој најави јасна и строга политика на раздвојување на дивоградбите на граѓаните, и на инвеститорите што се збогатиле незаконски.

„За социјалните градби и куќи нема да има проблем. Но, нова дивоградба, нова зграда без план, под моја надлежност, нема да има. И тоа го ветувам, дури по цена и на избори. Ако тоа не го прекинеме уште во првиот ден, Чаир целосно ќе колабира“, истакна Османи.

Османи зборуваше и за долгогодишната злоупотреба на предметите за легализација, кои се користат како средство за политички уцени.

„Тринаесет илјади барања за легализација се држат во фиоки и се користат пред избори за уцени: ‘ако ни го дадете гласот, ќе ви ја легализираме куќата’. За шест месеци, таму каде што има правна основа, нема да остане ниту еден предмет. Не смееме да ги уценуваме граѓаните“, изјави Османи.

Тој порача дека граѓаните не бараат само промена на лицето на градоначалникот, туку промена на политичката култура.

„Луѓето не бараат да се смени тој со мене, туку културата на владеење. Корупцијата мора да се сведе на нула затоа што го има зафатено Чаир во сите пори на животот“, рече Османи и додаде дека за сите спорни градби, треба да постапува обвинителството.