Османи со подземни улици ќе го решава сообраќајниот хаос на „Цветан Димов“


Кандидатот за градоначалник на Чаир, Бујар Османи, утрово на својата официјална Фејсбук страница ја презентираше својата визија за голема урбана трансформација на општината преку проектот „Плоштад Лирија“. Проектот предвидува целосно решавање на сообраќајниот метеж со подземен сообраќај, изградба на современ нов плоштад и стотици подземни паркинг места, решение што ќе му даде нов живот на Чаир.

„Ова не е само инфраструктурен проект, ова е проект што му го враќа Чаир на граѓаните. Сообраќајот оди под земја, а луѓето, семејствата и локалниот бизнис добиваат простор за живот, дружење и развој. Ова е визијата за Чаир 2040; европски стандарди што ја претвораат пречката во можност,“ изјави Османи.

За да ја прикаже изводливоста на идејата, Османи денеска објави видео од својата посета на Урошевац, Косово, каде што вакви решенија веќе успешно го ослободија градот од сообраќаен хаос. „Ако функционира таму ќе функционира и во Чаир. Нашата општина заслужува најдобро и нема да прифатам помалку,“ истакна тој.

Проектот, изработен од тимот на светски познатиот архитект Мишел Ројкинд, предвидува: подземен сообраќаен јазол на булевар „Цветан Димов“, нов плоштад „Лирија“, простор за среќавање, култура и заедништво, како и подземен паркинг со стотици места што ќе го ослободат Чаир од сообраќајниот хаос и ќе му дадат здив на секојдневието.

„Ова е проект за Чаирчаните; реален, изводлив и неопходен. Ова е новото лице на Чаир, иднината што ќе ја изградиме заедно и гордоста на цело Скопје,“ заклучи Османи.