Османи си даде автогол

Именувањето на 28-годишната ТВ презентерка за генерална конзулка во Њујорк покажува дека ништо не се менува во дипломатијата и дека партиски миленици без ден искуство во МНР и натаму незаконски добиваат високи позиции


Од Македонија не бидува сериозна држава. По речиси дваесетчасовна присутност во медиумите, подготвеност да одговара пред пратениците кога ќе го повикаат, силни напори да го реши спорот со Бугарија, министерот за надворешни работи, Бујар Османи, си даде автогол и сам си ја урна позицијата во јавноста.

Веќе два дена скандалозното именување на ТВ презентерката со 28 години, Бесмира Ејупи, за генерална конзулка во Њујорк се објаснува со зборовите дека „не можат да коментираат за одлуки на затворена седница“. Јасно и гласно кажано, било на затворена или на отворена седница, оваа информација очигледно не се демантира од Министерството за надворешни работи и, колку и да се бараат оправдувања за неа, таа е скандалозна.

Тоа што, на времето, така замина и Филип Петровски во Њујорк, и што така заминаа некои школски пријатели на Никола Попоски, што така беа именувани партиски кадри на дипломатски позиции кога министер беше Антонијо Милошоски и што некои потоа нѐ срамеа со тепачки и други скандали, сепак не го менува фактот дека ништо не се сменило на подобро  во дипломатијата и дека партиски миленици или заслужници одат на позиции што не ги заслужуваат, а професионалците сѐ повеќе си заминуваат од МНР.  

Ако за скандалот со Миле Миленкоски можеше да се најде оправдување за Османи, бидејќи дипломатот имаше безбедносна дозвола, а тој беше нов како министер за да ги знае подземните случувања во МНР, за ова и за именувањето на синот на Алберт Муслиу како конзул во Чикаго, нема логични објаснувања. И, не се важни притоа квалификациите на овие двајца аматери за конзуларни прашања, туку фактот дека ниту еден ден не работеле во оваа институција и дека незаконски се упатуваат на оваа позиција – на мала врата.

Практично, со злоупотреба на една несреќна реченица во законот која е вметната од истите причини од некои претходни гарнитури, која дозволува „афирмирани личности во надворешната политика“ (а двајцата не се ни тоа) да бидат именувани како конзули и амбасадори. Без искуство, без почитување на некој развој во кариерата, без каква било референца во областа и во држава во која веќе се избрука Македонија бидејќи со години има празни амбасади, а станува збор за најважните два дипломатски центри во светот. И притоа прати кандидат за амбасадор без да испита претходно какви се шансите тој воопшто да биде прифатен во земјата. Па така, во моментов Македонија сѐ уште нема амбасадори во Њујорк и во Вашингтон, но нашата дипломатија ќе се зајакнува со двајца аматери кои дури сега треба да ги учат основите на работењето во дипломатски преставништа. И тоа трае веќе три децении, па се чудиме после зошто трпиме толку порази во надворешната политика.

Сето ова, исто така, се случува во време кога градоначалникот на Тетово, Билал Касами, излезе со список на 544 исто такви заслужни партиски кадри или миленици на ДУИ кои добивале плати, некогаш и без да доаѓаат на работа, во општината која важи за една од најзадолжените и најзапустените во Македонија. Па, и да не им се верува на овие тврдења од ривалската партија, оваа одлука за инфлуенсерката конзулка ги прави нив многу реални и се повод за гнев на сите оние од приватниот сектор кои лебот си го вадат со лични усовршувања и тешка работа, за да одвојат пари за тие во јавната администрација што само се множат и незаслужено добиваат позиции. И што е пострашно, не ја завршуваат работата како што треба, бидејќи не ги добиваат тие функции за да покажуваат работни успеси, туку за да уживаат во привилегиите што ги даваат живеењето во странство и дипломатската плата од над три илјади евра.

Со ваквото скандалозно претворање на МНР сега во партиско дуќанче на ДУИ, можеби е и подобро амбасадите и конзулатите да останат празни и натаму, и за нас, и за министерот Бујар Османи. Или, да престане да се крие зад постапката и да објави список на сите во негов мандат и во мандатот на претходните министри што заминале на дипломатски позиции без да работат воопшто претходно во дипломатијата.