Османи: Секое второ дете во Чаир има проблеми со `рбетниот стилб, а немаат пристап до спортските објекти


Кандидатот за градоначалник на Чаир на коалицијата „Национална алијанса за интеграција“, предводена од ДУИ, Бујар Османи вели дека ако биде избран на функцијата ќе продолжи со обиколките на општината во периодот од 5:30 до 7:30 часот наутро, за да ги детектира проблемите и да им даде задачи на службите за нивно решавање.

Османи, ова го кажа на денешната прес-конференција, на која презентираше дел од својата предизборна програма, а одговарајќи на новинарско прашање дали ќе продолжи со утринските „инспекции“ во Чаир. Тој рече дека воопшто не прекинал со нив и оти не станува збор за некаков предизборен трик, туку целта му е да покаже дека е неопходна дисциплина доколку се сака нешто да се постигне. Тој  рече дека Чаир има голем број проблеми, што ако не почнат да се решаваат со визија, на општина за неколку години и се заканува целосен колапс на основните функции.

„Ако се продолжи вака без визија, Чаир ќе остане без патишта, тротоари веќе нема, ќе остане без вода, граѓаните веќе копаат бунари во своите дворови затоа што нема веќе вода којашто им ја крадат нелегалните згради. Ќе остане без канализација, Чаир останува веќе без воздух и за неколку години му претстои целосен колапс на основните животни функции. И затоа реков дека секое утро од 5:30 часот до 7:30 часот пеш ќе го поминувам Чаир, ќе го идентификувам секој дефект и секој проблем за да во 7:30 им дадам на службите што да прават во текот на денот“, рече Османи.

Според него, општината Чаир бара систематски пристап во решавањето на проблемите, а не, како што кажа, предизборен асфалт на еден месец пред избори, што го оцени како потег со кој се манипулираат луѓето.

„Чаир бара посветеност, работа и дисциплина од првиот ден. И тоа им го ветувам на луѓето и тоа ми е најважното ветување во оваа кампања. Влегувам со интегритет, со искуство, дисциплина, посветеност и визија за тоа каде треба да стигнеме до крајот на мандатот“,кажа Османи.

Инаку, тема на денешната негова презентација на изборната програма беше спортот, кој, како што кажа, не е на воопшто задоволително ниво во оваа скопска општина. Причината за тоа, кажа, е што досега немало никаква стратегија во врска со оваа општествена гранка, не е најден ниту еден документ и ниту еден параграф во кој е исцртана визија и стратешка рамка во која ќе се развива спортот.

„А спортот не е прашање на рекреација, спортот не е прашање на натпреварувачки дух, спортот е и здравје за луѓето, како ментално, така и физичко“,кажа тој.

Повикувајќи се на анализа направена од невладини организации со поддршка на холандската амбасада во земјава, Османи рече дека спортските објекти во општината воопшто не служат на потребите на граѓаните. Четирите спортски сали што постојат во општината, додаде тој, се нефункционални и нетранспаретно се даваат на клубови, додека граѓаните не можат да ги користат.

Анализата, како што потенцира Османи, покажува дека жените и луѓето со посебни потреби во Чаир воопшто немаат пристап до спортските активности.

„Има една анализа којашто е трагична, а тоа е дека секое второ дете во Чаир има проблеми со `рбетниот столб. Тоа е затоа што имаат несоодветна физичка активност во училиштата. Што значи, да си градоначалник не е само политичка функција, туку е преземање одговорност за здравјето и животот на децата и луѓето кои ти ја дваат таа доверба“, рече кандидатот за градоначалник од ДУИ.

Затоа, како што кажа, тој во својата програма предвидува реновирање на сите постоечки спортски сали и изградба на нови во училиштата каде нема вакви објекти.

„Салата ‘Партизан’ ја трансформираме во мултифункционална спортска сала која ќе го носи името Шабан Сејдиу и ќе изградиме нова спортска сала кај ‘Јашар беу’ во Дуќанџик, која ќе го носи иметот на Азиз Алиу. Чаир е расадник на светски имиња во спортот. Борењето се идентификува со Чаир секаде во светот и не смееме тие спротски, тие наши амбасадори, тие луѓе коишто имаат создадено имиџ да ги оставиме без поддршка, или пак, условите да ги оставиме супстандардни Затоа денеска презентирам една сеопфатна, детална програма со која спортот го враќаме како приоритет во работењето на општината, бидејќи како што реков спортот е здравје, јас сум лекар, а здравјето ми е најважно од сè за луѓето“,подвлече Османи.

Претходно говорејќи за својата програма во општи црти тој кажа дека таа е направена врз два принципи – првиот е хуманистичкиот, во кој човекот и неговите потреби се ставени во фокусот, додека вториот е посветен на идетификување на проблемите, за потоа да се најдат решенијата.

„Така што секој проект што е дел од мојата визија за Чаир всушност е решение за некој веќе идентификуван проблем којшто е разговаран со граѓаните во овие месеци“изјави кандидатот за градоначалник на „Националната алијанса за интеграција“, предводена од ДУИ.