Османи се лизна на косовска „банана“

Шефот на дипломатијата ја премина црвената линија која ги дели неговите партиски и  етнички - од државните интереси што треба да ги застапува


Шефот на дипломатијата и претседавач со ОБСЕ, Бујар Османи, се лизна од косовска „банана“. За првпат откако е на оваа позиција тој доби јавна лекција од премиерот Димитар Ковачевски околу изјавата дека, ако се докаже дека Србија е вмешана во нападот во Косово, Македонија треба да го преиспита учеството во иницијативата Отворен Балкан.

Со ваквата изјава министерот ја премина црвената линија која ги дели неговите партиски и  етнички од државните интереси што треба да ги застапува. Ваква изјава не даде ни албанскиот премиер Еди Рама, а Ковачевски му порача дека сме тука „за да создаваме, а не за да растураме“ и, да се реагира вака, ќе треба да се преиспитаат многу други меѓународни организации и иницијативи што вклучуваат голем број членки, мислејќи пред сѐ на неговата специјалност – ОБСЕ.

Османи во своја одбрана рече дека изнел личен став, а не владин и дека за тоа прашање воопшто не се разговарало во тој состав. Освен што нема мандат да растура договори на Македонија без согласност на премиерот, другите министри па и Собранието, Османи нема мандат и проблемите на Косово да ги става пред потребите на Македонија. А, Македонија е земја кандидат за членство во Европската унија која повеќе од сите други знае дека еден од основните услови во т.н. Копенхашки критериуми е – регионалната соработка и добрососедските односи.

Зошто ние би си отвориле уште една рана во ова досие, додека самите се мачиме да го решиме последното недобрососедско вето од Бугарите? Зошто Македонија, макар имала и етнички Албанец министер, треба да биде дел од спорот на Косово со Србија, кога на сите ни е јасно дека во оваа приказна има многу преседани и дека нема невина страна, колку и да се глупираше Вјоса Османи вчера на самитот во Гранада барајќи земјите членки на ЕУ да донесат одлука за санкции кон Србија? Зошто нашиот Бујар Османи долева масло на огнот распален од Белград и Приштина, место како претседавач на ОБСЕ и политичар кој видел дома како се решаваат спорови од ваква природа, да ги повика на разум и соработка, на спуштање на тензиите и на остварување на обврските што ги презеле досега пред меѓународната заедница?

И, зошто Македонија би излегла од регионална иницијатива што ја поддржаа сите бизнисмени и која во голема мерка ги релаксираше односите меѓу трите земји, додека не се појави на политичката сцена Албин Курти, кој единствено што прави е да ја оцрнува и да ја минира? И зошто Македонија треба да плаќа цена за лидер на соседна земја кој не знае како да реши внатрешна криза туку само ја ескалира, а патем толку отворено се обидува да се меша во внатрешните работи на нашата држава и да ја прелее кризата и тука? И, дали по Отворен Балкан треба да го преиспитаме учеството и во Берлинскиот процес, бидејќи и таму партиципира Србија, а Курти одбива да присуствува, па  ја прати Вјоса Османи на самитот во Гранада?

Иако тоа што се случи на Косово беше сериозен инцидент, тоа е далеку од тврдењата на Приштина дека Србија „се подготвува за воена агресија “ на Косово, бидејќи на сите им е јасно дека Белград нема да си дозволи војна со НАТО по вторпат. Тоа што пропагандата на Приштина е пуштена на најако не е баш референца дека зад неа треба да застане и Македонија. Да се води вака надворешна политика, Македонија во времето на Диво насеље требаше да го повлече признавањето на Косово, а и сега може да ги преиспитува нон-стоп односите поради одбивањето на Приштина да ги испорача осудените од „Монструм“ и сите други што од таа земја вршат злосторства во нашата држава.

Како прв Албанец што стана министер за надворешни работи на Македонија, Османи сигурно знае дека треба да покаже многу повеќе за да ја урне недовербата кај Македонците во државава дека ја заслужува функцијата и дека ги застапува интересите на државата. Тоа беше тешко да се постигне во спорот со Бугарија, но сега испаѓа дека вистинскиот тест за него како министер се односите со Приштина, а не со Софија. Патем, и Косово има регионална одговорност место само кон себе, а како втора страна во спорот веќе направи голема штета и за Македонија – свесно го загрози Отворен Балкан, ја загрози регионалната соработка, а го загрози и нашето влегување во ЕУ во време кога сериозно се турка ново проширување, бидејќи никој не сака внатре земји со нарушена безбедност и нестабилно опкружување. Просто кажано, нѐ врати две децении назад.