Османи од утре во работна посета на Брисел


 Министерот за надворешни работи Бујар Османи од утре ќе биде во работна посета на Брисел. Во рамки на посетата, на покана на министерот за надворешни работи на Грција, Никос Дендијас, ќе учествува на работен појадок на шефовите на дипломатиите на земјите членки на Европската Унија.

Министерството за надворешни работи информира дека работниот појадок ќе биде посветен на европското досие на Северна Македонија, а ќе се одржи на маргините на Советот за надворешни работи на ЕУ. На појадокот ќе бидат присутни и високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на ЕУ и потпретседател на ЕК, Жозеп Борел и еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеи.

 –Османи во Брисел ќе се обрати пред европратениците, членови на Комисијата за надворешна политика – АФЕТ, на покана на Претседателот на оваа Комисија, Дејвид Мекалистер, а ќе има средба и со „Пријателите на Северна Македонија“ во Европскиот парламент, група која е составена од европратеници, поддржувачи во ЕП и кои доаѓаат од различни парламентарни групи во ЕП. Дополнително во Европскиот парламент, Османи ќе има и други одвоени средби, меѓу кои со известителот на Европарламентот за земјава, Илхан Ќучук, со координаторот во Комитетот за надворешни работи (АФЕТ), Михаел Галер, и со координаторот на социјалистите во АФЕТ, Тонино Пицула, соопшти МНР.

 Во рамки на програмата се предвидени и средби на Османи со високи официјални претставници на европските институции, меѓу кои и со еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеи, а шефот на македонската дипломатија ќе се сретне и со својот чешки колега, Јан Липавски.

 –Клучна точка на разговорите ќе биде европското досие на Северна Македонија, регионалните случувања и политичките актуелности во државата, преку рефлексија на војната во Украина. Ќе стане збор и за доборососедските односи со фокус на разговорите со Бугарија и продолжувањето на реформските процеси со ЕУ предзнак, наведува МНР. 

 За време на работната посета на Брисел, додава МНР во соопштението, планирано е Османи да даде интервју за угледните Еуроњуз. ЕУ-Обзервер и за италијанската дописна агенција – Нова.