Османи очекува смени и во бугарскиот дел од историската комисија

Шефот на македонската дипломатија во интервју за бТВ рече дека не треба да се стане мит „рехабилитација на македонските Бугари жртви од југословенскиот режим“


Фото: Б. Грданоски

 

Резултати се очекуваат и од Северна Македонија и од Бугарија, изјави министерот надворешни работи Бујар Османи во интервју за бТВ во пресрет на денешната официјална посета на владиниот тим предводен од премиерот Димитар Ковачевски на Софија каде утре ќе се одржи заедничка седница на владите на двете земји.

Османи, во интервјуто оценува дека е одлична порака што на првиот работен ден на новата македонска Влада првата посета ја оствари бугарскиот премиер Кирил Петков, бидејќи тоа носи и симболика и суштина.

Во однос на работата на Историската комисија Османи вели дека Македонија досега сменила двајца свои претставници во ова тело, а дека Бугарија не го променила својот состав. Тој вели дека Софија можеби би требало да го искористи ова наше искуство. „И двете држави имаат интерес комисијата да биде продуктивна“, рече чефот на македонската дипломатија.

Запрашан како гледа на вклучувањето на македонските Бугари како народ во Уставот на државата, министерот Османи вели дека не гледа ништо проблематично во вклучувањето на која било друга етничка заедница и во нејзино интегрирање, но и во покажувањето одговорност и лојалност кон државата. Тој како пример го наведе Рамковниот договор, кој им донесе придобивки не само на Албанците, Турците, Србите, Власите, Ромите, а можно е, вели, и Бугарите да станат дел од него.

Во врска со испраќањето македонски амбасадор во Бугарија, министерот за надворешни работи рече дека планот е во првите недели од мандатот новата Влада да донесе одлука и да испрати амбасадор во Софија.

„Сѐ уште немаме утврдено име, но имаме идеи и размислувања на темата, се надевам дека во наредните денови јас како министер ќе дадам предлог“, додаде Османи.

Запрашан за „рехабилитација на македонските Бугари жртви од југословенскиот режим“, Османи вели дека во 2006 година Собранието усвои Декларација со извинување до семејствата на жртвите од комунизмот. Тој рече дека Скопје сега е подготвено да ги реализира практичните аспекти на Декларацијата, како пристап до архивите и потоа отворање поединечни случаи, сѐ додека има потреба да се разговара за нив, па дури и да се процесуираат доколку постои законска можност за тоа.

Според Бујар Османи, целта е да се спречи ова прашање да стане мит и да не се користи во ничија политичка агенда. (МИА)