Османи: Нема да има писмен извештај, ниту гласање за Договорот со Бугарија

Министерот за надворешни работи Бујар Османи вечерва изјави дека со видеото во кое ја опишува преговарачката рамка барал начин како да излезе од пропагандниот чадор под којшто се влезени граѓаните. Пропагандата против уставните измени, според него, е пуштена на најако, без аргументи и без никаква суштинска дебата.
Едноставно, вели тој во интервју за Сител, граѓаните се злоупотребуваат на емоции со цел политичките партии да профитираат што не е чесно.
-Јас се обидувам да излезам од таа врева, од таа галама на пропаганда која што е создадена да стигнам до граѓаните да им кажам дека не е точно ова што се зборува. Ние зборуваме за најважната тема во којшто излегувам и ги демантирам, ги рушам сите нивни столбови на нивниот наратив и не излегуваат да ме демантираат. А во однос на содржината ова беше уште еден пример како јас бев навреден, бев нападнат за сите можни причини, но ништо за содржината, ниту еден не излезе да каже не е така. Ниту еден не излезе да цитира една реченица од преговарачката рамка за да ме демантира, истакна Османи.
На прашање поврзано со членот 5, Османи посочува дека во општиот дел нема ниту писмен извештај, ниту гласање ќе има во ЕУ за тој процес.
-Значи едноставно констатираа дека Северна Македонија има еден билатерален договор со Бугарија и со Грција, добрососедските односи се важни за прогресот, меѓутоа за тој член 5 нема да има писмен извештај. ЕК нема во ниту еден момент да каже до тука е степенот. Или пак земјите – членки да гласаат или пак Бугарија да каже дајте да видиме до каде е реализацијата и да гласаме по однос на реализацијата, рече Османи.
Во однос на примената на членот, тој вели дека ЕК реферира, што значи, нема да известува и тоа во стручната терминологија во ЕУ е многу важно бидејќи нема да има писмен извештај.
-Што значи писмен извештај? Ова што го добиваме ние секоја година во која што точно се квантификува и се квалификува до каде е реализацијата на одредено аки. За членот пет нема да има писмен извештај, нема да има гласање во ЕУ. Ова е клучната порака која што се обидувам да им ја кажам на граѓаните, рече Османи.
Се разбира, додава тој, добрососедските односи ќе се ценат.
-Ние ако сме во лоши со еден сосед, членка на ЕУ, се разбира тоа е пречка за напредокот. Меѓутоа нема да има точка на дневен ред во ЕУ во којшто ќе биде Договорот со Бугарија, Договорот со Грција, прегледите од член 12, нема да има такво нешто. И тоа е многу важно. Затоа велам дека тоа плашење на граѓаните, дека Договорот ќе биде филтер односно скалило како што јас ги нарекувам во видеото, нема да биде дел од скалилата низ кои ние се качуваме за да влеземе во ЕУ, вели Османи.
Министерот за надворешни работи тврди дека нема да има писмен извештај, нема да има гласање по однос на Договорот со Бугарија, но додава дека Бугарија може да најде алиби да го кочи процесот и да се повика на друго нешто.
-Да каже водата во Вардар не ви е чиста, и јас не ве пуштам. Меѓутоа нема да има основ во документите и да каже ајде во ЕУ да го разгледаме до каде е имплементацијата на Договорот со Бугарија, до каде е историската комисија. Нема такво право според преговарачката рамка. И преговарачката рамка во ништо не се разликува од тие преговарачки рамки за коишто ги прифаќавме претходно кога немаше никаква дебата. Едноставно разликата е во тафтологија, спомнување на член од истиот Договор, вели Османи.
Османи е оптимист дека уставните измени ќе бидат донесени и дека првичната цел на Владата и била до ноември, но дека реалниот рок е последниот ден од мандатот на овој Парламент.
-Јас сум оптимист дека ќе биде. Се разбира првична цел ни е до ноември бидејќи тогаш има еден административен календар заради скринингот, меѓутоа реалниот рок е последниот ден односно мандатот на овој Парламент, значи до наредните избори. И до последниот ден ние ќе работиме да обезбедиме поддршка, сметајќи дека нема аргументи против. Мислам дека оваа прва битка ние ја добивме. Како предлагачи ја добивме затоа што не видовме отпор од експерстката јавност, од која било јавност во однос на содржината на уставните измени. Да излезе некој и да каже чекајте ова е опасно поради тоа што икс, ипсилон работи ќе се случат…, рече Османи во интервју за Сител.
Според Османи, аргументи против уставните измени нема и ова е, пред се, калкулација за наредните избори во опозициската партија (ВМРО-ДПМНЕ).
-Вие мислите дека они не знаат дека ова е добро, рече Османи негирајќи дека ДУИ исто така прават калкулации со изборите бидејќи поднеле оставки за овој процес.
Во однос на тоа дали потребата за носење на уставните измени ќе биде донесена на седницата што ќе започне на 18 август, Османи вели дека сега се е во рацете на претседателот на Парламентот.
-Сепак се е во рацете на спикерот и он ќе одлучи врз основа на Деловникот и координациите што ги прави со пратеничките групи. Врз основа на тоа што тој го кажа е дека откако ќе се исцрпи расправата ќе почека за гласање со цел да се разговара со политичките партии, изјави министерот за надворешни работи.
Запрашан за посетата на косовскиот премир Албин Курти кој ќе има средба со претставници на албанската опозиција, Османи рече дека за тоа нема официјална информација.
-Ние немаме официјална информација дека тој ќе дојде. Гледаме по социјалните мрежи дека има некоја партиска комуникација, така што навистина немам информации, рече Османи.