Османи: Ја приватизираа топлана, најблиска соработничка на Меџити е меѓу сопствениците


Во првото предизборно соочување за Чаир на Телма телевизија, кандидатот на Националната алијанса за интеграции, Бујар Османи, удри со најтешка политичка артилерија кон својот противкандидат Изет Меџити.

„Има медиумски објави дека топланата е приватизирана и дека во сопственичката структура се најблиските соработници на мојот противкандидат. Затоа велам, во Чаир прво мора да се пресече коренот: приоритето на комерцијалните интереси и корупцијата“, рече Османи.

Тој го опиша начинот на кој се водела општината како приватизациска и клиентелистичка спрега што го гази јавниот интерес во Чаир.

„Чаир може да се среди, има ресурси. Но, тие со години завршувале каде што не треба. Влегувам со чесност, дисциплина и посветеност, како во секоја институција што сум ја водел и излегувам без ниту една дамка“, потенцираше Османи.

Со остар политички тон, Османи отвори неколку прашања што бараат итни одговори:

„Кој и зошто ја приватизирал топланата? Кој профитира додека граѓаните плаќаат високи сметки и дишат загаден воздух? Дали Чаир е заложник на олигархиски кругови блиски до Меџити?“, праша Османи.

Тој најави нулта толеранција за корупција и јавна одговорност.

„Јавно ветувам дека ако за 100 дена корупцијата не се сведе на нула во Чаир, не продолжувам понатаму. Нека пресуди јавноста. Моето име не е валута за нечии договори под маса“, порача Османи.

Во делот за енергетиката, Османи ја поврза темата со пошироката политичка слика за заробени институции.

„Гасификација – да. Модерни и транспарентни системи за греење – да. Но, најпрво мора да ја вратиме контролата кај граѓаните“, рече Османи.

Тој истакна дека од изборите во Чаир не бара ништо за себе, туку Чаир да си ги врати парите, улиците и достоинството.

„Ова не е само кампања, ова е битка против урбаната мафија и клиентелизмот. Ќе ги отвориме сите книги, ќе ги прекинеме уцените и ќе ја вратиме општината на граѓаните. Чаир заслужува воздух, ред и правда, а не приватни монополи и партиски каси“, рече Османи.

Тој  остро реагираше на фактот дека по две децении управување, актуелната гарнитура дури сега предлага урбанистички мастерплан за општината.

„План не се прави после дваесет години. Тоа значи дека дваесет години се работело без мастерплан. Тоа е како да градите нешто без основен дизајн и план. И сега, откако ќе се изгради сè и ќе се создаде хаосот, ќе правиме план. Малку е несериозно“, изјави Османи.

Тој нагласи дека Чаир е пример за лошо управување и недостиг на визија, но дека промената ќе започне со целосно нов пристап и системско планирање уште од првиот ден.

„Јас влегувам на почетокот со план. Со студиото на Мишел Ројкинд гледавме од поинаква перспектива, не да правиме проекти колку за проекти, за да привлечеме гласови, туку прво да ги идентификуваме проблемите. Секој проект што е ветен е решение за конкретен проблем“, рече Османи.

Тој објасни дека пристапот е хуманистички, со визија за подобар квалитет на живот и подобра функционалност на општината.

„Секогаш гледавме од перспектива на човек што живее во Чаир, на кој децата му се движат низ овие улици, но и од перспектива на доктор, со цел да се хуманизира целиот простор“, додаде Османи.

Во визијата за урбан развој, Османи најави неколку крупни инфраструктурни решенија кои ќе го модернизираат Чаир.

„Со подземен премин, и со плоштад што го нарековме ‘Лирија’, и подземен паркинг правиме функционално решение за ‘Цветан Димов’. ‘Џон Кенеди’ со ‘Никола Карев’ е исто така многу важно, затоа што Чаир има два клучни прекина во циркулацијата, и тие се проектите што ќе ја променат сликата на општината“, истакна Османи.

Тој додаде дека нема да поставува рокови за проектите што бараат сериозна координација и институционална поддршка, но ќе започне со рушење на т менталитет во општината, а тоа е дека ништо не може да се промени.
„Тоа го видов кај граѓаните. Слушав, ова не може, ова не може. За ‘Цветан Димов’ ми рекоа дека не може, а јас отидов во Урошевац, таму истиот проект го направиле“, рече Османи.

Тој појасни дека визијата за Чаир не е краткорочен политички план, туку општествен договор со граѓаните.

„Мојата визија за Чаир ја претставив како договор со граѓаните, а не како дел од мојот мандат. Сакам да им покажам дека може поинаку. Затоа што дваесет години е еден човек. И луѓето почнаа да мислат дека тоа е целиот универзум. Кога ги прашувам зошто не бараат повеќе, велат ‘таква ни е општината’. Не, Чаир заслужува повеќе“, порача Османи.

Откако Изет Меџити во вечерашната дебата го обвини Бујар Османи дека тој живеел во дивоградба, Османи јасно одговори дека ова е манипулација н а Меџити:

„Ова манипулација во однос на дивоградбата и злоупотреба на мојот покоен татко кој денес не може да одговори на тоа прашање. Во однос на дивоградбите во Чаир, цела држава знае дека е тоа процес на организиран криминал, во кој што урбана мафиај во договор со општината ги заземале сите државни парцели, граделе, ги анитидатирале, односно правеле како да се градени пред 2011 година. Дури е изгорена и архивата. Тоа се стотици милиони евра исцрпени пари од граѓаните и тоа судот ќе си го докаже.“

Османи рече дека луѓето се измамени и живеат во кошмар без документи и сигурност за домовите.

„Луѓето од зградата Титаник, која е диво изградена живеат во кошмар, во други згради станови се препродавани по неколку пати. Но на луѓето кои чесно си купиле станови ќе им помогнеме, но нова дивоградба никогаш повеќе нема да има“,  рече Османи