Османи и Захариева ко-претседавачи на средбата на шефовите на дипломатиите на Берлински процес
Шефот на дипломатијата Бујар Османи и неговата бугарска колешка Екатерина Захариева денеска ќе копретседаваат со состанокот на министрите за надворешни работи од Берлинскиот процес за Западен Балкан, во рамки на копретседавањето на процесот од страна на Северна Македонија и Бугарија.
Средбата на шефовите на дипломатиите ќе претходи на средбата на врвот на процесот утре во Софија, на кој ќе бидат лансирани новиот Акциски план за воспоставување на Заеднички регионален пазар и Зелената агенда за Западен Балкан кои беа подготвени под водство на Европската комисија и Советот за регионална соработка
Поради ситуацијата со Ковид-19, средбата на министрите за надворешни работи ќе биде организирана преку видеоконференциска врска, чиј домаќин ќе биде бугарското МНР.
Копретседавачи на средбата во он-лајн формат се шефот на дипломатијата Бујар Османи и неговата бугарска колешка Екатерина Захариева. Во рамки на состанокот ќе се одржи пленарна сесија, на која ќе бидат разгледани можностите и предизвиците пред Берлинскиот процес за Западен Балкан во контекст на мерките за изградба на доверба и за подобрување на регионалната соработка, вклучувајќи подобра поврзаност меѓу луѓето и инфраструктурата.
Фокус на разговорите на министрите ќе биде темата за младите и граѓанското општество во Западен Балкан. Во рамки на предвидени сесии, министрите за надворешни работи ќе имаат можност да ги споделат своите ставови и искуства во однос на предизвиците и можностите на Берлинскиот процес, креираните мерки со цел градење доверба и подобрување на регионалната соработка, вклучително и преку подобра поврзаност и мобилност меѓу луѓето од земјите на Западен Балкан, со посебен фокус на младите и граѓанското општество.
Освен државите од Берлинскиот процес, на средбата во Софија онлајн ќе се вклучат и претставници на Европската комисија, на Советот за регионална соработка и на Регионалната канцеларија за младинска соработка во Тирана (RYCO).
По завршувањето на видео-конференцијата на министрите, ќе се одржи прес-конференција на двајцата ко-претседавачи Османи и Захариева во он лајн формат.
Во рамки на заедничкото претседателство, ќе се одржи и ТинкТенк Форум организиран од страна на Институтот за Демократија Социетас Цивилис – Скопје во соработка со Европскиот совет за надворешна политика (ECFR), од Софија. Во рамки на ТинкТенк форумот, согласно агендата, предвидено е поздравни обраќања да имаат министрите Османи и Захариева.
Берлинскиот процес е политичко-дипломатска иницијатива, која почна во август 2014 година од страна на германската канцеларка Ангела Меркел.
Учесниците во процесот се земјите од Западен Балкан – Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Србија и Црна Гора, а нејзини ко-спонзори и поддржувачи се неколку земји-членки на ЕУ како Германија, Франција, Австрија, Италија, Велика Британија, Полска, Грција, Хрватска, Словенија и Бугарија.