Османи: Главен фокус се евроинтеграциите, па потоа реконструкција на Владата
Подготовките за конгресот на партијата биле централна тема на вечерашната седница на Централното претседателство на Демократската унија за интеграции (ДУИ), информира партискиот портпарол Бујар Османи. На новинарско прашање за реконструкција во Владата, тој изјави дека фокусот е на надворешната политика околу евроинтеграциите, по што ќе се знаат чекорите во внатрешната политика и промените во извршната власт.
-Се обидуваме да ги усогласиме внатрешните процеси со надворешните. Во четврток ќе бидеме во Берлин каде ќе се дефинира динамиката на интеграциите и врз основа на оваа динамика, ќе се дефинира внатрешното прашање. Затоа до тогаш, не можеме да кажеме каков пристап ќе имаме во врска со реконструкцијата, рече Османи.
Тој подвлече и дека двајцата лидери, Ахмети и Заев, интензивно комуницирале околу оваа прашање, но актуелно приоритет останува европската агенда односно најавената средба Меркел-Заев во Берлин.
Од денеска ДУИ започнува со изборите во партиските ограноци.