Османи ги заврши средбите во Берлин, продолжува во Копенхаген
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, во рамки на работната посета на Германија денеска оствари средба со државниот министер за Европа во германското МНР Михаел Рот, на која, ја потенцирал важноста од имплементација на одлуката на советот на ЕУ од март минатата година, како важен услов за задржување на европскиот кредибилитет во регионот, особено кредибилитетот на процесот на проширување.
– Охрабрува фактот што во рамките на претседавачкото трио, Германија ја задржува својата проактивна улога во поддршка на португалското претседателство, за закружување на процесот на обединување на Европа, како заеднички европски интерес. Велам заокружување затоа што Северна Македонија, па и воопшто регионот на Западниот Балкан не се наоѓа на периферијата од Европа, туку во срцето на Европа, опкружени единствено, и само со земји – членки на ЕУ. Ваквиот чекор ќе упати неопходно охрабрување до целиот регион и ќе го зацврсти европскиот кредибилитет во целост, нагласи Османи, информираат од МНР.
На средбата со Уве Корсепиус, советник за ЕУ на канцеларката Меркел, фокусот повторно беше ставен на реафирмација на германската поддршка за нашите европски перспективи, но беа отворени прашања и за други форми на соработка со цел развој на севкупните односи меѓу двете земји.
Агендата на Османи во Берлин содржеше средби со повеќе значајни соговорници и во таа насока министерот се сретна со Забине Штер, ополномоштеник за ЕУ политики и Сузане Шуц, директорка за Југоисточна Европа, Турција и државите на ЕФТА, во МНР на Германија.
Посетата на Германија, информираато МНР, била искористена и за средби во Бундестагот каде што Османи се сретнал со Гинтер Крихбаум, претседател на Комитетот за европски прашања и со Мануел Сарацин, на кои било разговарано за билатералната соработка меѓу двете земји, при што беше укажано дека реализацијата на реформите во Република Северна Македонија се, пред сѐ, за бенефит на самите граѓани и трансформација на земјата во кредибилна европска демократија. Заеднички е потврдено дека Северна Македонија испорача и дека нашата држава заслужува да го почне процесот на преговори и трансформација со цел членство во ЕУ.
Работната посета на Берлин на шефот на дипломатијата Османи е дел од неговата дипломатска турнеја низ земјите членки на Европската унија. Реафирмираната поддршка од страна на Германија е позитивниот исход од оваа посета и значаен поттик за државата во оваа насока.
Османи утре патува за Копенхаген, каде, како што најавено, треба да се сретне со неговиот колега, министерот Јепе Кофод.